
Трамп ги презентираше деталите од планот за изградба на „Златната купола“
Американскиот претседател Доналд Трамп откри нови детали од својот амбициозен план за изградба на систем за противракетна одбрана вреден повеќе милијарди долари, наречен „Златна купола“, за заштита на САД од странски напади, велејќи дека системот треба да биде завршен пред крајот на неговиот мандат.
Препорачано
„Ќе го завршиме за три години“, им рече Трамп на новинарите за време на презентацијата на планот во Овалната соба.
Кога ќе биде целосно изградена, Трамп вели дека Златната купола ќе биде способна да пресретнува ракети дури и ако се лансирани од другата страна на светот.
Големите одбранбени и технолошки компании – вклучувајќи ја и „СпејсИкс“ на Елон Маск – веќе се натпреваруваат за изградба на штитот, доставувајќи ги своите понуди директно до министерот за одбрана Пит Хегсет.
Американската администрација останува молчалива во врска со развојот на антиракетениот штит, кој е инспириран од израелскиот систем „Железна купола“.
Иако сè уште не е јасно како точно ќе изгледа „Златната купола“, разликите во размерот и големината во споредба со израелскиот штит се огромни.
Додека „Железната купола“ селективно ги штити населените области од закани од краток дострел во земја со големина на Њу Џерси, Трамп сака систем за ракетна одбрана базиран во вселената што би бранел област околу 450 пати поголема – и тоа од напредни балистички и хиперсонични ракети.
Трамп рече дека проектот ќе чини околу 175 милијарди долари и ќе го води генерал Мајкл А. Гатлин, заменик-началник на вселенските операции.
Тој додаде дека 25 милијарди долари ќе дојдат од неговиот план за сеопфатни намалувања на буџетот и даноци, за кои лобира кај републиканците во Претставничкиот дом.