
Трајанов: Во интерес на безбедноста е веднаш да се избере нов или назначи В.Д. директор на ОТА
Во интерес на државата и нејзината безбедност е веднаш да се избере нов или назначи В.Д. директор на Оперативно-техничката агенција ОТА. Закажаното па одложено денешно појавување на прес-конференција на сè уште актуелниот директор на (ОТА), Зоран Ангеловски претпоставувам е наменски бидејќи тој иако сакал да ја информира јавноста за истекувањето на неговиот мандат во меѓувреме бил контактиран од партиите и му било сугерирано или ветено дека сепак тој ќе остане на позицијата односно ќе му биде продолжен мандатот – вели во изјава за „Слободен печат“ Павле Трајанов поранешниот министер за внатрешни работи.
Препорачано
Трајанов појаснува дека преку ОТА подолго време се најавуваше дека треба навреме да се распише избор за нов директор на агенцијата или дека треба да се продолжи мандатот на актуелниот прв човек на агенцијата Ангеловски.
– Ниту се распиша нов оглас за директор на ОТА ниту пак му се продолжи мандатот. Веројатно закажаниот прес па откажан на директорот Ангеловски бил со цел да се информира јавноста за неговиот мандат. Очекувањата се дека партиите веќе денес ќе направат координација во Собранието и ќе се согласат да му се продолжи мандатот на Ангеловски, односно да се забрза постапката за избор на прв човек на ОТА – вели Трајанов.
Инаку директорот на Оперативно-техничката агенција (ОТА), Зоран Ангеловски, денеска во 11 часот требаше да се појави пред зградата на Собранието и да одржи прес-конференција. Најавата за прес-конференцијата, која до медиумите вчера ја проследија од ОТА, дојде на само два дена пред истекот на петгодишниот мандат на Ангеловски – утре, 7 септември 2023 година.
Но, до медиумите утринава стигна ново известување во кое од Агенцијата наведуваат оти денешното појавување на Ангеловски пред новинарите ќе биде одложено на неопределено време „поради итни и неодложни работи“.
„Ве известуваме дека поради итни и неодложни работи, најавената прес-конференција на директорот на ОТА пред Собранието на РСМ во 11 часот се одложува на неопределено време“, гласи известувањето кое утринава ОТА го испрати до медиумите.
Актуелниот директор на ОТА, Зоран Ангеловски е раководител на оваа важна институција во синџирот за заштита на националната безбедност и борбата со криминалот од пред точно пет години. Со двотретинско мнозинство во Собранието, Ангеловски беше назначен на чело на Оперативно-техничката агенција на 7 септември 2018 година, откако власта и опозицијата постигнаа договор за името од пристигнатите вкупно 14 кандидатури.
Неговиот петгодишен мандат, кој според Законот за ОТА е без право на реизбор, истекува утре. И покрај ваквата околност, Собранието дури вчера попладне со 83 гласа „за“ и без „против“ и „воздржани“ ја изгласа предлог-одлуката за распишување оглас за избор на нов директор на Оперативно-техничката агенција.
Но, и покрај одлуката на Собранието да биде распишан оглас, останува дилемата како ваквиот потег во последен момент ќе го реши проблемот со правниот вакуум што ќе настане, бидејќи ОТА утре останува без директор, а до изборот на нов ќе помине извесен период во кој Агенцијата ќе биде без прв човек на кормилото.