
Тошковски тврди дека има индиции за хибриден напад, во набљудувањето на депониите ќе се вклучела и АНБ
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека има индиции за „хибриден напад“ како што го нарече премиерот Христијан Мицкоски палењето на една по друга на депониите во Скопје, но не кажа детали. Најави дека во истрагата ќе се оди најдлабоко што може и дека ќе се преземат сите превентивни мерки за да не дојде до нови палења.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Во интерес на истрагата не би можел да споделам повеќе информации. Будни сме, присутни на терен, МВР ги презема сите надлежни дејствија во однос на последниот пожар кој го имавме во фабриката во Трубарево. Беа вршени информативни разговори со 4 лица, по наредба им е одреден краткотраен притвор. Ќе ги преземеме сите мерки и ве уверувам дека за секој еден за кој постојат докази дека учествувал во ваков тип на еколошки криминал и тоа како ќе следуваат соодветни дејствија од МВР и убеден сум дека во истата насока ќе продолжат и обвинителството и судот, затоа што македонските граѓани заслужуваат и безбедна и чиста Македонија – рече Тошковски и најави дека ќе се оди најдлабоко што може во сопственичката и управувачката структура.
Тој ги повика сите надлежни институции кои за следење на фирмите кои се занимаваат со отпад, особено Министерството за животна средина, инспекторатите и директоратите за еколошка заштита максимално да се вклучат и превентивно, затоа што, според него, институциите се 30 години дерогирани, со несоодветен кадар, реткост е некој да постапува според професионални стандарди и ако тие постапувале немало да дојде до катастрофата во Трубарево.
Најави дека депониите ќе се следат и набљудуваат и ќе се преземат сите активности.
– Тоа значи дека ќе бидат вклучени не само капацитетите на Министерството за внатрешни работи туку и капацитетите на Агенцијата за национална безбедност, ќе бидат максимално интензивирани, набљудувачките системи кои ги има МВР, не само на СВР Скопје туку и на сите останати организациони единици како што е организиран криминал, гранична полиција, капацитетите на останатите единици. Фоксуирани сме на набљудување на овој проблем и на конкретни чекори за расветлување и преземање на превентивни дејствија за ризичните точки – рече Тошковски.