Јсп/Фото „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Тешко оди набавката на нови автобуси, а старите се веќе на „издишување“

ЈСП „Скопје“ сѐ уште го исплаќа кредитот за 33-те автобуси „ман“ набавени во мандатот на претходното градско раководство, кој го отплаќа во период од десет години, двапати годишно. Според извештајот за попис на средствата и изворите на средствата во ЈСП, до крајот на 2024 година се исплатени шест рати.

Скопјани наскоро нема да добијат нови автобуси, затоа што пропадна тендерот на Владата, објавен во јуни. Од Министерството за транспорт информираа дека јавниот повик за набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 треба да бидат наменети за превоз во главниот град, е поништен. На него се пријавила само една фирма, а и таа не ги исполнувала потребните услови.

Сега повторно ќе се прават анализи и сосема е неизвесно кога повторно ќе биде објавен оглас.

На јавниот повик што беше објавен на 17 јуни со краен рок за доставување на понудите 24 јули 2025 година, само една компанија достави понуда. По извршената евалуација, Комисијата надлежна за спроведување на јавната набавка, утврди дека компанијата не ги исполнува критериумите според објавениот јавен повик. Министерството за транспорт во следниот период ќе направи дополнителни анализи околу набавката на електрични еколошки автобуси и ќе ја информира јавноста – информираа од Министерството.

Ова значи дека граѓаните уште долго ќе ги трпат последиците од неорганизираниот јавен превоз, со стар возен парк, а ситуацијата ќе се влоши од септември кога основците и средношколците ќе се вратат во училиште.

Притоа освен автобуси, скопјани немаат друг вид јавен превоз, освен ветувања за трамвај и воз, едното старо со децении, а другото поново, за кои ретко кој од граѓаните верува дека ќе се реализираат со оглед на фактот дека неколку години наназад не можат да се набават ни обични автобуси.

Како што е познато Советот на Град Скопје во цел мандат не изгласа одлука за купување нови автобуси, ниту дозволи да започне реализацијата на проектот за брз автобуски превоз за што веќе неколку години е обезбеден кредит од Европската банка за обнова и развој.

Граѓаните ќе почекаат за нови екоавтобуси, поништена е јавната набавка

Притоа ЈСП „Скопје“ сѐ уште го исплаќа кредитот за 33-те автобуси „ман“ набавени во мандатот на претходното градско раководство.

Во годишниот извештај за попис на средствата и изворите на средствата во ЈСП „Скопје“ до 31 декември 2024 година, се прецизира дека во 2020 година се набавени 33 автобуси од кои 21 единечен и 12 зглобни, за кои се повлечени речиси 10 милиони евра. Просечната вредност за еден единечен автобус изнесува 269.758 евра, а за еден зглобен 335.560 евра. Нивната набавка е спроведена во неколку наврати во период од мај до јули 2020 година, со кредит за отплата на 10 години со вклучен грејс-период од три години. Претпријатието е обврзано ратите да ги плаќа двапати годишно, на крајот на јануари и на крајот на јули.

До крајот на 2024 година се исплатени шест рати, а годинава се достасани уште две рати за плаќање, што значи дека долгот за 33-те автобуси на гас ќе се исплаќа и во наредните години.

Во извештајот за пописот е забележан уште еден интересен податок поврзан со јавниот превоз. Како што е наведено, дури 360 милиони денари или речиси 6 милиони евра му должело Министерството за образование на ЈСП „Скопје“ на крајот од минатата година за бесплатниот превоз на студентите за три учебни години почнувајќи од 2021 до 2023 година. Притоа, иако парите за субвенционираниот превоз на студентите не биле префрлени, Управата за јавни приходи го задолжила претпријатието за ДДВ од 5 отсто на извршениот превоз во износ од 5,7 милиони денари само за 2022 година.

Под проѕирните настрешници на станиците, автобус на плус 40 се чека како под вршник

Па, така, како што се наведува во извештајот за попис, иако МОН не му исплатило на ЈСП пари за три години, за истиот период претпријатието платило данок од над 17 милиони денари.

Како што забележала пописната комисија, за своите побарувања од Министерството, во јануари годинава исплата е извршена само за учебната година 2024/25 во износ од 120 милиони денари.

Централната пописна комисија предлага да се задолжи директорот на ЈСП „Скопје“ да ги преземе сите законски можности за наплата на побарувањата од МОН – се наведува во извештајот.

Но, во декември минатата година ЈСП „Скопје“ доби субвенции од Град Скопје за 2025 година, како што тоа се практикува секоја година, во досега рекорден износ од 801.500.000 денари или речиси 13 милиони евра субвенции за 2025 година, а на последната седница сумата беше „зајакната“ со нови 150 милиони денари.

ЈСП доби уште 150 милиони денари субвенции за вработените да се „мирни“ до крај на годината

Тогаш беше објаснето, дека тие, повеќе од 800 милиони денари се обезбедени за повеќе намени, најмногу за плати за вработените, додека 140 милиони денари од нив беа наменети за обезбедување бесплатен превоз на пензионерите и за бесплатен превоз на студентите.

Ако е така, тогаш е сосема нејасно зошто за иста работа, за превоз на студентите, субвенции се слеваат од два извора – од МОН и од Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот