Фото: Profimedia

Тешко обвинување од ОН: Русија е виновна за трагедијата со летот МХ17

Русија е одговорна за соборувањето на летот MХ17 на „Малезија ерлајнс“ во 2014 година и ги прекрши меѓународните договори за цивилно воздухопловство. Ова е одлуката на Советот на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО) која ја донесе денеска по жалбата поднесена од Холандија и Австралија, пренесува НЛ Тајмс.

Холандија поднесе жалба откако Русија се повлече од преговорите за утврдување на одговорноста за соборувањето на авионот. Проруските сили соборија малезиски Боинг 777 кој леташе од Амстердам до Куала Лумпур над источна Украина во јули 2014 година, при што загинаа сите 298 патници и членови на екипажот, меѓу кои 196 холандски државјани и 38 Австралијци.

Авионот бил погоден од руска ракета земја-воздух, објави НЛ Тајмс. ИКАО, агенција на ОН, денеска донесе одлука со гласање на нејзините земји-членки, а нејзиниот совет заклучи дека Русија ја прекршила чикашката конвенција, која им забранува на земјите потписнички да користат оружје против цивилни авиони. Конвенцијата, потпишана од сите 193 членки на ИКАО, се смета за основа на меѓународните регулативи за цивилно воздухопловство.

Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп ја опиша одлуката на ИКАО како важен чекор напред.

„Одлуката не може да ја отстрани болката и страдањето на семејствата на жртвите, но е вистински чекор кон вистината и правдата за сите жртви“, рече министерот.

Советот на ИКАО сега ќе испита какви дејствија мора да преземе Русија во однос на репарацијата и одговорноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот