Инфографик- Фото: Слободен печат/ Елисавета Бејкова

Тераме мода по турско-кинеско, трошиме девизи колку за храна, а нашите текстилци се крпат со ЛОН

И додека во дуќаните едвај може да се најде по некое парче сошиено во домашните погони и тоа претежно долна облека или пижами, податоците што „Слободен печат“ ги доби од аналитичарите на Државниот завод за статистика покажуваат дека од јануари до јули сме увезле дури 36,9 милиони килограм текстил, за што се одлеале речиси 380 милиони долари (373 милиони долари)

Турција, Кина и Италија се земјите што претежно ги „облекуваат“ Македонците. И додека во дуќаните едвај може да се најде по некое парче сошиено во домашните погони и тоа претежно долна облека или пижами, податоците што „Слободен печат“ ги доби од аналитичарите на Државниот завод за статистика покажуваат дека од јануари до јули сме увезле дури 36,9 милиони килограм текстил, за што се одлеале речиси 380 милиони долари (373 милиони долари).

Ако ваквиот тренд на увоз продолжи до крајот на годинава, ќе излезе дека за увоз на облека трошиме девизи како за увезената храна, што сосема ја отсликува состојбата во која се наоѓа македонскиот текстилен сектор.
Годинава турската облека повторно се врати на тонот и според податоците од ДЗС, речиси 9,4 милиони килограми облека од вкупниот увоз отпаѓаат на Турција. Кина е на второто место и од оваа далечна земја ни стасале 8,4 милиони разни текстилни парчиња.

Италија е можеби моден лидер за другите, но нивните производи се далеку поскапи од турските и кинеските парчиња, па така од оваа медитеранска земја сме увезле само 1,4 милиони килограми облека. Сумирано, облеката во земјава дошла од дури од 112 држави во светот во првите седум месеци од оваа година.
И лани Турција била прва земја од каде што сме се снабдувале со облека, Кина била повторно втора, но Германија се сместила на третата позиција, додека Италија била четврта.

Инфографик- Фото: Слободен печат/ Елисавета Бејкова

– Во истиот лански период, односно од јануари до јули 2024 година, биле увезени 37,8 милиони килограми разен текстил и облека, но за тоа сме платиле 366 милиони долари, што значи дека повеќе сме увезувале, а помалку сме платиле, бидејќи облеката била поевтина. Сепак, лани од Турција во земјава влегле над 10,4 милиони килограми текстил, што е повеќе за над 1 милион килограми повеќе за разлика од оваа година – покажуваат податоците на ДЗС.

И додека трошиме силни девизи за да се облечеме, домашниот текстилен сектор е на колена, а од државата се бара да каже дали на земјава воопшто ѝ треба оваа гранка, оти само во септември згаснаа три фабрики со по околу 100 вработени, а од почетокот на годинава повеќе од 5.000 луѓе го напуштиле секторот. Статистичките податоци се немилосрдни: во првите седум месеци од годинава бројот на вработени во производството на облека е намален за 9,8 отсто, а во производството на текстил за 6,1 отсто. Во споредба со 2021 година, бројот на работници во производството на облека е намален за 31,4 отсто.
Според Ангел Димитров од „Мода“ Свети Николе, речиси сите конфекции што се наоѓаат во Источниот Регион, или ги затвораат своите врати, или го редуцираат бројот на вработени, посебно поради пензионирањето на повозрасните работници. Според него, немаат интенција да ангажираат нов кадар и да го одржат работењето на претходното ниво. Тој вели дека текстилната индустрија во претходните години поминала низ три кризи.

– Падот е нагласен по корона кризата, а годинава особено дојде до израз со проблемите што ги има германската економија, како наш најголем партнер – дециден е Димитров. Една од специфичностите на извозот од текстилната и кожарската индустрија е високата застапеност на лон-производството, кој во производството на облеката и обувки константно учествува околу 93 отсто, а само 7 отсто отпаѓа на класичното производство.

 Сте чуле ли за Токелау или за Сент Кристофер и Невис, оти и оттаму купуваме облека?!

Сте чуле ли за Токелау? Е, од оваа, независна островска територија на Нов Зеланд, која се наоѓа во јужниот дел на Пацификот, годинава ни дошол еден килограм облека, а лани во истиот период дури 13 килограми! Токелау се наоѓа околу 480 км северно од Самоа и 3.900 км југозападно од Хаваи.

За каков вид текстил или облека станува збор, статистичарите не прецизираат, но според податоците од светските енциклопедии, дел од тамошното производство се традиционалните ткаени капи и торби, а на интернет може да се најде понуда на разни кошули со хавајски шари или фустани што се дел од традиционалната носија, но се нудат и фармерки и дуксери по цени што не се мали. Иако станува збор за само 2 килограма, увоз на облека лани имало и од Сент Кристофер и Невис (Сент Китс), островска земја лоцирана во Карибите, која произведува памук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот