Урсула Фон дер Лајен / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Тенок мраз под Урсула, нејзината доверба повторно ставена на тест

По втор пат за помалку од три месеци, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се враќа во Европскиот парламент за да се брани од предлогот за недоверба поднесен од опозициските пратеници, кои ја обвинуваат за низа проблеми, од недостаток на транспарентност до неуспех во постигнувањето трансатлантски трговски договор. Што значи ова за иднината на ЕУ се дилемите за кои пишувa бриселски Политико.

Процедурата започнува денес во Парламентот, а гласањето за двата предлога, еден од групата „Патриоти за Европа“ и друг од Левицата е закажано за четврток.

Фон дер Лајен денес ќе има можност да одговори на критиките и ќе го донесе целиот колегиум на комесари како поддршка, пишува бриселскиот портал Политико.

Иако не се очекува дека гласањето ќе резултира со нејзино разрешување, предлозите откриваат дека претседателката на Комисијата се соочува со сè поголемо противење — не само од крајната десница и левицата, туку и од членови на нејзината центристичка коалиција.

Политико наведува дека нема сомнеж дека Фон дер Лајен денеска е многу поискусна политичарка од кога стапи на функцијата во 2019 година. Во јули, за време на првото гласање за недоверба, таа покажа дека „европската кралица“ знае како да се соочи со критиките и да „врати удар“.

Но, проблемот е што ваквите предлози за недоверба стануваат речиси рутина, бидејќи европратениците сфатиле дека е релативно лесно да се соберат 72 потписи од вкупно 720. Покрај тоа, критиките веќе не доаѓаат само од маргинални политички фигури, туку и од центристички коалициски партнери.

Се очекува критиките на сметка на Фон дер Лајен да стануваат сè погласни. Иако двата нови предлози веројатно нема да добијат поддршка од центристичките партии, тие може да бидат сигнал за идни конфликти меѓу коалициските партнери на претседателката на Комисијата околу важни теми.

Дополнителен проблем претставува фактот што двете најголеми политички групи во Европскиот парламент — Европската народна партија (EPP) и Социјалдемократите (S&D) — најавија дека се подготвени да го отфрлат предлогот за долгорочниот буџет на ЕУ.

„Пред нас се уште многу гласања што ќе го тестираат нејзиното лидерство“, изјави анонимен европратеник од EPP за Политико.

Во исто време, поранешниот потпретседател на Европската комисија, Тијери Бретон, изјави дека ЕУ има Комисија која е значително ослабена.

„Ова е првпат по долго време Комисијата да се соочи со толку многу гласања за недоверба. Не можете да кажете дека тоа е само лоша среќа“, рече тој.

Бретон предупреди дека „растечката слабост“ на Комисијата отвора простор за екстремите да го искористат моментот.

„Се наоѓаме во тешка, егзистенцијална фаза, кога сите сили околу нас се непријателски расположени кон европскиот проект — без разлика дали тоа е Владимир Путин на исток, или жал ми е што морам да го кажам, Соединетите Американски Држави“, додаде Бретон.

Тој изрази особена загриженост за тоа што Комисијата не ја ужива целосната поддршка ни од партијата на нејзината претседателка — која би требало да биде нејзин најголем сојузник — кога станува збор за повеќегодишниот буџет на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот