Марин Ле Пен / Фото: EPA-EFE/THOMAS SAMSON / POOL MAXPPP OUT

Театарот на Марин Ле Пен за европска солидарност и домашна битка

Морман-сур-Вернисон, Франција – едно обично, заспано село во срцето на Бургундија, со едвај 130 жители, изненадувачки се најде во фокусот на европската политичка јавност за време на викендот. Причината? Француската крајно десничарска лидерка Марин Ле Пен организираше т.н. „славење на победата“ – симболичен и внимателно осмислен собир кој претставуваше комбинација од политички спектакл, идеолошка демонстрација и домашна стратегија за притисок врз институциите.

Изборот на селото Морман-сур-Вернисон не беше случаен. Во ова место на последните парламентарни избори од јуни 2024, дури 90% од жителите гласаа за нејзината партија „Национален Собир“ (РН). Во контекст на историскиот успех на РН на европските избори една година претходно со освоени 31,3% од гласовите , Ле Пен реши токму тука да ги собере своите европски сојузници од десницата за да го прослави, но и да го капитализира политичкиот моментум.

Меѓу присутните беа видни фигури од европската десница, унгарскиот премиер Виктор Орбан, италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, холандскиот политичар Герт Вилдерс (преку видеоврска), и претставничката на австриската Слободарска партија, Сузане Фурст. Настанот беше организиран од европската парламентарна група „Патриоти за Европа“, чија цел е поврзување на популистички и националистички партии низ Европската Унија.

Секој од говорниците на собирот се фокусираше на познатите теми од десничарскиот репертоар, традиционално семејство, христијански вредности, национален суверенитет и отпор кон европската бирократија и имиграцијата. Орбан дури ја искористи говорницата за да упати провокативни изјави поврзани со безбедноста на жените и миграцијата, а во контекст на војната во Украина, го обвини Киев за продолжувањето на конфликтот, наместо Русија.

Но зад ваквиот политички театар се крие подлабока и поделикатна агенда, домашната правна и политичка ситуација на Марин Ле Пен. Во март оваа година, францускиот суд ѝ изрече политичка санкција на Марин Ле Пен, забрана за кандидирање на избори до 2030 година, како последица на обвиненијата за злоупотреба на средства од буџетот на Европската Унија за време на нејзиниот мандат како европратеник. Таа одлука ја доведува под прашање нејзината кандидатура за претседателските избори во 2027 година. Апелациониот процес е закажан за 2026, непосредно пред кампањата.

Затоа, овoj „победнички фестивал“ не беше само повод за славење. Тoа беше и сигнал, длабоко симболичен, до судството, до јавноста и до меѓународната заедница дека Национален собир (РН) и нејзиниот лидер уживаат широка народна поддршка, и дека секој обид да се спречи нејзиното учество на изборите би бил доживеан како акт спротивен на демократијата.

Во својот говор, Ле Пен не го спомена директно судскиот процес, но во еден момент призна дека нејзината кандидатура претставува „ризик“, додавајќи дека сè уште има надеж. Присуството на илјадници поддржувачи, со француски и европски знамиња, во срцето на рурална Франција, беше внимателно организирано за да испрати порака дека Марин Ле Пен и натаму е силен политички играч.

Политичкиот моментум е на нејзина страна. Анкетите покажуваат дека ако денес се одржат парламентарни избори во Франција, РН би можела да освои дури 33% од гласовите. Со 124 пратеници во актуелниот состав на Националното собрание, Ле Пен има значајно влијание врз сè понестабилните влади на Емануел Макрон, кој ја изгуби парламентарната контрола по фијаското на последните избори.

Сепак, и покрај изгледите за подем, европската десница не е целосно обединета. Партиите како полската Право и Правда (ПиС), италијанските Браќа на Италија на премиерката Џорџа Мелони, и германската АфД, не се дел од „Патриоти за Европа“. Наместо тоа, тие се дел од други европски фракции или создадоа сопствени парламентарни групи, како „Суверени нации“. Со тоа, амбицијата на Ле Пен да ја претстави европската десница како единствена, кохезивна сила засега останува повеќе политички маркетинг отколку реалност.

Но токму во тоа лежи вештината на Марин Ле Пен: во создавање на слика, наратив и сценографија што ја потврдуваат нејзината политичка релевантност. И ако успее да го поништи судскиот процес или да се рехабилитира навреме, овој собир во Морман може да се запамети како симболичниот почеток на нејзиниот последен марш кон Елисејската палата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот