
Судијата Пајазити потпишувал, сега партиите сакаат да го отпишат
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини судијата Пајазит Пајазити, кој е заменик-претседател на Кривичниот суд Скопје, дека е продолжена рака на ДУИ во судството и бара судијата веднаш да биде разрешен и да одговара. Партијата го обвини Пајазити дека му одредил куќен притвор на војникот на УЧК Блерим Рамадани за да му се овозможи да избега, затоа што Рамадани имал бизнис-интереси со ДУИ и СДСМ со дивоградби на Попова Шапка.
Препорачано
Судскиот совет пред неколку дена по допрен глас отвори комисија што ќе ги испитува контроверзните одлуки на Пајазити, кој освен што го пушти Рамадани во куќен притвор иако е странец без адреса во Македонија, ја прифати и спогодбата што ја постигна митаџијата Иџет Мемети со ЈО за гонење на организиран криминал и корупција и наместо во затвор, го осуди на условна казна, без судење, иако Мемети беше висок јавен функционер, член на Советот на јавни обвинители, а призна дела зел мито од 10.000 евра за да влијае во предметот против Боро Малборо, со цел овој да добие помала казна за трговија со наркотици! На „товар“ на Пајазити му се става и тоа што не определи притвор за лицата од ДУИ што пред неколку месеци упаднаа во контролата на летање и го загрозија воздушниот сообраќај.
ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност за Пајазити
Пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција праша дали бизнис–интересот од Блерим Рамадани на Шапка е причина заради која ДУИ влијаела врз Пајазити.
– Која била целта на посетата на Блерим Рамадани на Македонија? Дали Блерим Рамадани бил носен на Попова Шапка од функционери на СДС и ДУИ и дали тој всушност се интересирал за градби на омиленото место за дивоградби на функционерите на ДУИ? Затоа ли Рамадани бил пуштен во куќен притвор наместо да биде во затворски? Затоа што ДУИ и СДС имаат бизнис интерес од него? Очекуваме институциите да отворат постапки и испоставите на СДС и ДУИ во судството како Пајазити да бидат разрешени. Одговорност мора да има. Зад секоја јавна гласност на ДУИ се крие по некој бизнис интерес. Додека народот се иселува, тие се богатат – рече Јаревски.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение истакна дека Пајазити треба да одговара бидејќи направил огромни грешки и во случајот со Рамадани и со Мемети.
„Јасно е дека Пајазити не постапува по закон. Оттука јасно е дека Пајазити не смее да биде судија, а надлежните институции треба да го разрешат. Доколку не се санкционира Пајазити довербата во правосудството дополнително ќе се намалува“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската СДСМ, пак, го прозиваат министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека не го обезбедувале Рамадани доволно додека бил во куќниот притвор.
„Што се однесува до судијата Пајазити, за кој со денови ВМРО-ДПМНЕ бара смена, според официјалните информации тој е избран во јануари 2013 година, токму за време на владеењето на славната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се обидува да се вади од одговорност во целиот случај, во најкус рок мора да го разреши Тошковски од функцијата министер за внатрешни работи затоа што одговорноста за бегството е негова. Бараме МВР да излезе со извештај за тоа кој дозволил Рамадани да избега за така краток рок, без да биде соодветно обезбеден. Повеќе од јасно е дека МВР игра клучна улога во неговото ноншалантно бегство и тоа многу брзо ќе се дознае“, соопшти СДСМ.
Кривичен се буни што јавноста будно го следи
И Кривичниот суд завчера го бранеше судијата Пајазити, а го прозва МВР, со коментар дека за случајот има „предимензионираната медиумска покриеност“, која е поттикната од бројните политички коментари и преписки, преку кои „дополнително се поткопува довербата на јавноста“.
– Станува збор за странски државјанин, кој се терети за сторено кривично дело во друга земја (Р. Косово), а се бара да биде екстрадиран во Р. Србија. Судскиот систем во нашата земја не е директно засегнат за исходот од оваа постапка со оглед дека на ова лице не му се суди во земјава и нема оштетени македонски државјани. Сепак обврска на РСМ е во започнатата екстрадициска постапка да го почитува меѓународното право, за што веќе има воспоставена судска пракса. Во идентичен ваков случај со лицето Томора Морине од 2019 година, лицето не било екстрадирано во Србија бидејќи истиот бил косовски државјанин, па заради тоа надлежност за постапката ја има Р.Косово, одлука која била потврдена од Врховниот суд на РСМ. Конкретното лице било во активен притвор од 17 јули до 1 август, или 15 дена, односно, согласно досегашната судска пракса за овие случаи, тоа е максималното време кое некое лица го поминало во екстрадициски притвор. По предлог на одбраната донесено е решение со кое лицето и понатаму останува обезбедено за органите на прогон преку куќниот притвор, а надзор врши МВР. Па, заради тоа одговорноста (системска или индивидуална ) за бегството треба да се бара кај органот кој го врши надзорот“, соопшти Кривичниот суд.
Од Судот потенцираат дека Кривичниот совет донел решение според кое не се исполнети законските услови за екстрадиција и целиот предмет е доставен на надлежно постапување на Врховниот суд.
„Судскиот совет може и треба да проверува и утврдува дали судот постапувал согласно законските одредби и праксата на повисоките судови, но, апелираме случајот да не се користи за политички препукување, особено ако јавноста не е запознаена со клучните факти“, истакна Судот.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговори дека Кривичниот суд определи куќен притвор за странец кој беше уапсен по меѓународна потерница од Интерпол. Тој во објава на Фејсбук одговори дека „судот врши надзор над куќниот притвор, а надзорот може да го довери на полицијата, определувајќи го и начинот на неговото извршување“.
„Во решението за куќен притвор на предметното лице, судот определил дека надзорот се доверува на МВР, СВР Скопје, ПС Чаир, притоа не определувајќи го начинот на извршување, иако тоа е законска обврска. Согласно досегашната пракса, добро позната за Судот, при извршување на мерка куќен притвор, полицијата не го обезбедува 24 часа домот каде се извршува мерката, туку повремено, во определени временски интервали, ненајавено го проверува присуството на лицето. И покрај тоа што судот не го определил начинот на вршење надзор, од страна на СВР Скопје во повеќе наврати биле вршени проверки“, напиша Тошкоски.
Тој ја повика јавноста, особено стручната фела, внимателно да го следи овој случај, „бидејќи неговиот исход ќе биде од суштинско значење за воспоставувањето на правдата и довербата во судскиот систем во Македонија.“
Од Судскиот совет очекуваат дека многу скоро ќе го разгледаат постапувањето на Пајазит Пајазити и ќе донесат одлука дали судијата пресудил законски или не. Паралелно, ќе се испитува и одлуката на судијата Душко Јосифов, кој ја прифати спогодбата за екс врховниот судија Наќе Георгиев и му досуди само три години затвор за земање мито од 15.000 евра.
Овие скандали дополнително ја уриваат довербата во правосудството, за чие враќање денеска попладне во Владата ќе разговараат премиерот Христијан Мицкоски и претседателката на Советот Весна Дамева. Премиерот најавува дека ако не добие подобри предлози како да се врати довербата во судствот ќе го распушти Судскиот совет.