Пропалестинските студенти од Универзитетот Лос Анџелес добија ултиматум/Фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER

Судијата бара од Трамп да го врати федералното финансирање на Универзитетот во Калифорнија

Федерален судија во понеделникот побара од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да го врати федералното финансирање на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (УКЛА) кое го замрзна.

Во август, УКЛА објави дека владата замрзнала 584 милиони долари средства наменети за универзитетот, критикувајќи го за справувањето со пропалестинските протести.

„Лос Анџелес Тајмс“ и веб-страницата „Политико“ објавија дека судијката Рита Лин, во својата пресуда, побарала од администрацијата на Трамп да врати повеќе од 500 милиони долари финансирање на универзитетот.

Лин веќе побара од американската влада во август да врати дел од финансирањето на УКЛА.

Администрацијата на Трамп ги намали или се закани дека ќе ги намали федералните средства за универзитетите за кои вели дека лошо се справиле со пропалестинските протести на нивните кампуси, обвинувајќи неколку американски универзитети, вклучувајќи го и УКЛА, за кршење на граѓанските права на еврејските студенти и дозволување на ширење на антисемитизмот на факултетите.

Од своја страна, пропалестинските демонстранти, вклучувајќи ги и еврејските групи, одговараат дека нивните критики за воените операции на Израел во Газа и окупацијата на палестинските територии не треба да се сметаат за антисемитизам, додека одбраната на палестинските права не треба да се изедначува со екстремизам.

Синдикатите, членовите на персоналот и студентите во Калифорнија ја тужеа администрацијата на Трамп минатата недела, протестирајќи против замрзнувањето на федералните средства за универзитетите и други дејствија за кои велат дека имаат за цел задушување на академската слобода.

Друг универзитет во Калифорнија, Беркли, претходно во септември објави дека до федералната влада доставил информации за околу 160 од неговите вработени и студенти.

Администрацијата на Трамп се соочи со други правни пречки во своите напори да го замрзне федералното финансирање за универзитетите. Федерален судија претходно во септември пресуди дека потегот на Вашингтон да замрзне 2 милијарди долари финансирање за Универзитетот Харвард е нелегален.

Но, републиканската администрација постигна договори во јули со Универзитетот Колумбија, кој се согласи да плати 200 милиони долари во текот на три години, и со Браун, кој објави дека ќе понуди 50 милиони долари за поддршка на развојот на локалната работна сила. И двата универзитета прифатија дел од условите на администрацијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот