
Стоп за една изборна единица и понизок праг за независните кандидати
Парламентарните партии од власта и од опозицијата експресно се договорија за измена на Изборниот законик во делот на учеството на независните кандидати, но повторно им наметнаа висок праг за собирање потписи за поддршка
Независните кандидати за да влезат во изборната трка ќе треба да соберат најмалку 100 и најмногу 3.500 потписи во зависност од бројот на гласачите во општината. Парламентарните партии од власта и од опозицијата експресно се договорија за измена на Изборниот законик во делот на учеството на независните кандидати и повторно им наметнаа праг откако Уставниот суд неодамна укина два члена со кои партиите го зголемија прагот за потребни потписи – за еден отсто од гласачкото тело во изборна единица.
Препорачано
Покрај сопката за независните листи, не помина ниту предлогот на ЛДП за една изборна единица и за отворени листи, иако премиерот Христијан Мицкоски повтори дека се за промена на изборниот модел, но под услов да гласа и дијаспората, а за една изборна единица се изјаснија речиси сите партии.

-Преку предлогот за измена на Изборниот законик ќе се подобри изборниот процес. Со измените се постапува по решението на Уставен суд, со кој се укинаа два члена и сега предлагаме нови членови, како и имплементација на дел на препораки на ОБСЕ и ОДИХР. Предлогот содржи и техничко решение за отворање нови избирачки места во местата кои се со повеќе од 1.000 гласачи. Се дава фер шанса на независните кандидати да соберат потписи во зависност од големина на општина и да се кандидираат. Предлогот е 100 потписи во општини со 10.000 гласачи, за тие до 20.000 – 200 потписи, за општините до 30.000 гласачи потребни се 300 потписи, 1.000 потписи во општините со над 90.000 гласачи. За Скопје ќе треба да се соберат 3.500 потписи – образложи координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
За ставање на дневен ред на Предлог-измените на Изборниот законик поддршка дадоа и владините партнери Вреди и ЗНАМ, како и од опозицискиот СДСМ и коалицијата.
Откако Уставниот суд ги укина двете одредби од Изборниот законик, седум граѓански организации до Собранието поднесоа барање за обезбедување на уставно загарантираното право за активно учество во изборите на сите граѓани, без разлика дали доаѓаат од политичка партија или од независна иницијатива. Тие бараат намалување на прагот за потписи на 50 лица, фер услови и за мали општини, собирање потписи и на терен, а не само во Државната изборна комисија, како и продолжување на рокот за собирање потписи.
Не доби поддршка предлогот за една изборна единица
И додека пратениците од власта и од опозицијата лесно договорија праг за учество на изборите на независните кандидати, тие не дадоа виза за промена на изборниот модел. Пратеничката и претседателка на ЛДП Моника Зајкова побара поддршка од сите пратеници зашто, како што рече, тоа одамна требало да биде реалност.

– Една изборна единица и отворените листи се модел кој ја зајакнува демократијата ЛДП гласот да е правично застапен. Не е фер 30.000 гласа да одат во неповрат само поради изборниот модел. Постојниот модел прави дисторзија на гласањето, тоа не е демократија. Со една изборна единица и со отворени листи, граѓаните ќе одлучат која личност ќе ги претставува. Граѓание стануваат главни актери во изборниот процес и пратениците ќе одговараат пред нив, а не пред партиските лидери. Може има страв за отворените листи, но демократијата не е конфорна зона на партиските елити. Отворените листи се квалитативен скок во демократијата. Време е да се даде сила на граѓаните лично да бираат, а не партиските врхушки – рече Зајкова, но предлогот не доби поддршка.
Премиерот Мицкоски претходно повтори дека нема никаков проблем да поддржи една изборна единица со право да гласа и дијаспората. Тој рече дека „нема поголемо демократско право од тоа дијаспората да учествува во изборен процес за парламентарни и претседателски избори“, откако пратеничка од опозицискиот Европски фронт ја обвини Владата дека не се грижела за дијаспората со новиот Закон за локална самоуправа и го ускратувала правото.

– Еве, ние сме за тоа да имаме една изборна единица и да може да учествуваат тие во еден таков изборен процес. Да немаме трошоци, да немаме повеќе изборни единици, да имаме една и, практично, сите гласови да се влеваат во една изборна единица, и на резидентното население, но и на дијаспората што ќе сака да учествува. Дури отидовме и чекор понапред и рековме – досега се гласало во дипломатско-конзуларните претставништва, но има држави кои дозволуваат да се постават гласачки кутии/места и надвор од ДКП-та, односно екстериторијални, дури рековме и за тоа сме „за“. Така што, ние како ВМРО-ДПМНЕ немаме никаков проблем да поддржиме една изборна единица – рече Мицкоски.
Со отфрлање на точката за една изборна единица да биде ставена на дневен ред повторно се изјалови барањето на помалите партии за промена на изборниот модел. Таков предлог има и од владејачкиот Демократски сојуз на Павле Трајанов.
Трагедијата во Кочани повторно ја разжести дебатата
Собранието ќе расправа законски да се уреди помош за семејствата на загинатите и на повредените од трагедијата во Кочани, иако координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Мицевски и Оливер Спасовски, се испокараа и навредуваа дека се лешинари кои печалат врз трагедијата на семејствата. Спасовски побара предлог законот да биде прва точка на собраниската седница, бидејќи нема поприоритетно прашање, а ВМРО-ДПМНЕ прифати.
Мицевски процедурално му одговори:
– ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе гласа да биде прва точка, но предлогот треба да оди на Комисијата на труд и социјала, каде опозицијата нема предлог за претседател. Владата отвори телефонска линија за семејствата и за настраданите во трагедијата во Кочани, „Пониква“ стана центар за рехабилитација на повредените, дадена е парична помош за нив, ве молам прекинете со политиканство и со лешинарството на темата Кочани – рече Мицевски.
Спасовски процедурално возврати дека нема потреба да им држат лекции за лешинари.

– Поголеми лешинари од вас нема. Не може ни денар да не дадете од буџетоит и да велите дека ние сме лешинари. Парите кои ги дадовте се од граѓаните кои одеа преку Црвениот крст. Не политизираме, зашто има можност Комисијата да не се одржи и предлогот веднаш да оди на пленарна седница или претседателот на Собранието да задолжи претседавач со комисијата – рече Спасовски.
На ова, Мицевски му одговори дека тераат политиканство, бидејќи седум министри од претходната влада сега се пратеници, но кога биле власт ниту еден не предложил закон за помош на настраданите во „модуларната болница“ , за „Ласкарци“ или за “Беса-транс“.
– Владата од првиот ден постапува по оваа трагична несреќа, ама Оливр да каже како треба да реагираме. Извинете, не знам кој збор треба да го употребам а да не ве навредам – рече Мицевски.