Фото: Фејбук/ Бобан Стефковски

Стефковски не успеал да го реализира проектот „Гази Баба без кал“, но вети дека во следниот мандат ќе биде „целосно завршен“

Претходно, во 2022 година Стефковски го најави овој проект за кој, како што кажа тогаш, биле одвоени 73 милиони денари и вети дека до крајот на неговиот мандат нема да има неасфалтирана улица во Гази Баба

Актуелниот градоначалник на Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Стефковски кој е во трката за нов мандат најави реконструкција на големите локални улици и завршување на проектот „Гази Баба без кал“, кој го најави уште во 2022 година.

„Во насока на унапредување на инфраструктурата и секојдневието во нашите населби, започнуваме со комплетна реконструкција на големите локални улици. Ќе ги реконструираме улиците Лазар Поп Трајков – Автокоманда; Анри Барбис и Карл Хрон – Триангла; Среќко Пужалка и Финска – Ченто; Пехчевска – Хиподром; 2 и 18 – Инџиково; Трајко Китанчев – Ченто; 10 и 3 – Јурумлери“.

Тој истакна дека во неговиот прв мандат биле асфалтирани повеќе од 170 локални улици.

„Дополнително во вториот мандат ќе асфалтираме и над 100 нови улици, надвор од овој проект. Проектот ‘Гази Баба без кал’ продолжува. Во следните 4 години ќе биде целосно завршен“, ветува Стефковски.

Претходно, во 2022 година Стефковски го најави овој проект за кој, како што кажа тогаш, биле одвоени 73 милиони денари и вети дека до крајот на неговиот мандат нема да има неасфалтирана улица во Гази Баба.

„Во буџетот за 2023 година обезбедуваме 73.000.000 денари за рехабилитација и ревитализација на улици. За прв пат во историјата на општината се определуваат 73.000.000 денари за асфалтирање на улици. Моја јасна определба е Гази Баба без кал, а тоа значи до крајот на мандатот да нема неасфалтирана улица во општина Гази Баба“, рече тогаш Стефковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот