
Стефан Богоев: Способен сум за лидер на СДСМ
Потпретседателот на СДСМ во оставка Стефан Богоев не ги крие своите амбиции да го преземе кормилото на партијата, по катастрофалниот пораз на парламентарните избори, но се уште не донел конечна одлука.
Препорачано
-Сметам дека во овие 16 години сум ги поминал буквално сите скалила во партијата по природен пат, а и во државата, и сум бил дел од сите клучни процеси во партијата, како Отпорот, Вистината за Македонија, Шарена револуција и низ сите тие процеси, години и скалила сум стекнал големо искуство и пријателства во партијата. Оттука, сметам дека сум способен за лидер на СДСМ, а наскоро ќе одлучам дали ќе тргнам по тој пат сега. Најбитно е партијата да избере тим што ќе го зачува јадрото на СДСМ, а не само претседател, изјави Богоев во интервју за БИРН.
За лидерската позиција во СДСМ веќе се заинтересирани неколку членови на партијата, што претставува опасност по Конгресот и изборот на нов претседател СДСМ да се раситни на неколку фракции.
-Се надевам дека претстојниот избор на нов претседател и ново раководство нема да значи нови поделби или понатамошно фракционерство во СДСМ и очекувам секој потенцијален кандидат прво да се преиспита себеси дали влегува во трка да направи нешто добро за државата и партијата или влегува во трка за претседател мотивиран од лични или туѓи интереси. Доколку сите кандидати на прво место ги стават партијата и државата, убеден сум дека тоа ќе биде празник за демократијата во СДСМ наместо нови поделби во СДСМ, рече Богоев кој е и директор на Царинската управа.
Тој изрази уверување дека пратеничката група на СДСМ е компактна и не очекува некој да ја напушти.
-Меѓутоа, доколку се случи тоа, гласно ќе бараме таа конкретна личност да го врати мандатот, од причина што нашиот изборен модел не предвидува гласање за личност, туку за листа предложена од политичка партија. Убеден сум дека граѓаните гласале за програмата и листата предложена од СДСМ и коалицијата за европска иднина на овие избори, така што тој што ќе ја напушти пратеничката група, нема од каде да го црпи легитимитетот да ги претставува граѓаните во Собранието, дециден е Богоев.
Меѓу кандидатите од СДСМ за претседател се споменуваат и Јован Деспотовски, актуелен директор на ТИРЗ, министерката за одбрана Славјанка Петровска, екс министрите Оливер Спасовски и Венко Филипче. Пред Ковачевски лидери на СДСМ беа Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шеќеринска и Зоран Заев.
На седницата на Извршниот одбор на СДСМ во четвртокот претседателот Димитар Ковачевски го потврди повлекувањето од функцијата Претседател на СДСМ и иницираше свикување отчетен Конгрес.
-Согласно член 68б од Статутот и повлекувањето на претседателот на партијата Извршниот одбор заклучи дека почнуваат да течат статутарните рокови за организирање нови директни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ. Членовите на Извршниот одбор, како и членовите на раководството на СДСМ, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациониот секретар, секретарот за меѓународна соработка, поднесоа оставки од функциите. Воедно, согласно поднесените оставки се повикуваат и членовите на Централниот одбор да го следат примерот како морален чин на одговорност. Со повлекувањето на претседателот на СДСМ, сите претседатели на Општински организации и претседателот на Градската организација се во оставка со глед на фактот дека се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови, соопшти СДСМ.
Извршниот одбор на СДСМ ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на јуни во транспарентна и демократска постапка.