
Стечајниот управник ќе мора да ви одобри пари дури и за нови чевли! Гувернерот ја оживува идејата за личен банкрот
Правните експерти се за закон што ќе ја минимизира шансата за продлабочување на долговите, но се скептични дека тој ќе биде донесен наскоро. Личниот стечај е позитивна работа за граѓаните, бидејќи ги минимизира шансите за продлабочување на долговите, оти стечајните управници ќе бидат своевидни старатели, кои наместо граѓаните, ќе одлучуваат како да се трошат нивните пари
Гувернерот на Народна банка Трајко Славески ја оживеа идејата за носење Закон за личен банкрот, со оценка дека не може бесконечно да се толерира ситуацијата со граѓани што не се во состојба да ги подмируваат своите долгови.
Препорачано
– Сите развиени земји имаат ваква регулатива. Според моите информации, кај нас има околу 120.000 блокирани сметки – тоа се луѓе без пристап до финансискиот систем, жртви на даватели на кредити со лихварски камати. Време е да размислиме за решение – порача Славески. Законот за личен стечај е потреба пласирана уште во 2009 година, а неговата основна цел е да им овозможи нов финансиски старт на презадолжените граѓани. Оваа можност, функционира во Словенија, Хрватска, а Србија се откажа, додека во Грција има добра примена. Овој закон беше и во програмата на претходната Влада за периодот 2020-2024 година.
Според информациите, кои „Слободен печат“, ги доби од искусни стечајни управници, ова ќе биде сложена и чувствителна операција бидејќи се работи за приватен имот и затоа е потребна обемна подготовка.
– Правно, идејата за личен стечај е слична на стечајот врз компаниите, но сепак содржи извесни финеси. Ова не е едноставна работа, бидејќи станува збор за луѓе, за лични судбини, така што сигурно ќе има и одреден грејс-период, пред целосно да се имплементира. Доколку се донесе закон за личен стечај, тоа ќе ги натера граѓаните да бидат внимателни со задолжувањето. Всушност, стечајните управници ќе бидат своевидни старатели, кои наместо граѓаните, ќе одлучуваат како да се трошат нивните пари – велат упатените. Должникот ќе мора да побара од финансискиот „тутор“ одобрување за какви било поголеми трошоци, како на пример за нови чевли, гардероба, одмори…
Правните експерти се сомневаат дека уште долго овој закон нема да го види светлото на денот, бидејќи се потребни големи анализи, а ако имаме среќа можеби ќе ја средиме оваа област со влезот во ЕУ.
– Личниот стечај е позитивна работа за граѓаните, бидејќи ќе ги минимизира шансите за продлабочување на долговите, но, е потребна квалитетна и обемна подготовка на легислативата – рече за „Слободен печат“, поранешниот стечаен судија и правен експерт Дејан Костовски.
Инаку, Словенците ја имаат оваа можност од 2007 година, личниот банкрот функционира во Хрватска, Србија почна, па застана, а во Грција илјадници физички лица ги користат ваквите одредби. Се проценува дека во 2022 година, по шест Грци дневно поднесувале барање за личен стечај. За речиси 190.000 хрватски граѓани чии сметки биле континуирано блокирани повеќе од три години, Финансиската агенција поднесла предлог за поведување едноставна стечајна постапка до надлежните општински судови во периодот од почетокот на 2019 година до средината на јануари 2024 година.
Оваа постапка е предвидена со хрватскиот Закон за потрошувачки стечај, воведена е од 1 јануари 2019 година за да им се помогне на граѓаните што се блокирани повеќе од три години, со главен долг до 2.654,46 евра, конечно да ги одблокираат сметките и да започнат со нов живот. Доколку, пак, имотот на потрошувачот е помал од 1.327,23 евра, Законот за стечај на потрошувачите предвидува судот по службена должност да донесе решение за отворање и затворање едноставна стечајна постапка на потрошувачот и дека потрошувачот е ослободен од преостанатите обврски кон доверителите со оваа одлука.
И новиот Закон за стечај фаќа прав со години
Новиот Закон за инсолвентност, е готов четири години, помина на Влада и тука запре целата процедура, брифираат правните експерти. Од него се очекуваше да се воспостави солиден и ефикасен систем на инсолвентност, според европските директиви, а особено да се поттикнат претпријатијата со тешкотии да се обидат да преговараат за привремено ослободување на долговите и да договорат услови за нивно подмирување преку соодветен механизам. Тој беше работен со помош на експерти од Светска банка. Стариот закон за стечај датира од 2006 година и над 50 отсто од неговите одредби се сменети, што создава проблеми и за судиите и за стечајните управници.