Медиуми / Фото: илустрација / „Слободен печат“ / Драган Митрески

ССНМ: Падот во слободата на медиумите е одраз на состојбите во Македонија

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираше на падот на Македонија за шест позиции на Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година, нагласувајќи дека тоа е директен резултат на влошената медиумска средина и нерешените системски проблеми со кои се соочуваат новинарите во земјата.

-Оценката на Репортери без граници во нивниот извештај за слободата на медиумите во Македонија е реален одраз на околината во која работат новинарите и медиумските работници во земјава, стои во соопштението на ССНМ.

Дополнуваат дека токму главните параметри на кои постојано предупредува и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) придонеле за овој пад на индексот на слобода на медиумите.

-Како најалармантно го сметаме финасирањето на медиумите, кое е нетранспарентно, недоволно и со одржливост која постојано се доведува во прашање, ги прави новинарите и нивниот интегритет подложни на влијание од разни центри на моќ, дополнуваат од ССНМ.

Извештајот на организацијата „Репортери без граници“, кој ја рангира Македонија на 42. место од 180 земји, ја нотира потребата од итна реформа на медиумското законодавство и заштита на новинарите од СЛАП тужби – тужби што се користат како средство за притисок и заплашување.

-Затоа, ССНМ потсетува на наодите и потребните напори за подобрување на околината за работа на новинарите и медиумските работници, кои беа дел од Декларацијата објавена на почетокот на април, а која произлезе од „Мисијата за скрининг и застапување за работнички и професионални права на новинарите и медиумските работници“, а која ја предводеше генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Беланжер. дополнуваат од ССНМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот