ССНМ изразува жалење поради одлуката за ставање во мирување на дописништвата на МИА во Брисел, Атина и Вашингтон

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразува жалење поради одлуката на АД МИА за ставање во мирување на неопределено време на дописништвата во Брисел, Атина и Вашингтон, како и за најавите за непродолжување на договорите за соработка на дописниците од другите европски градови.

– Свесни сме за економската криза, односно за мерките за штедење кои беа наметнати на државните институции и претпријатија, меѓутоа се надеваме дека ќе се направат напори и ќе се изнајдат начини во најкус можен рок дописништвата да не престанат со работа. Сметаме дека не смее да биде дозволено државна новинска агенција, како што е МИА, да нема свои дописници во едни од најважните главни градови во светот, особено во овој период на комплицирани и предизвикувачки меѓународни односи во светот, се наведува во денешната реакција на ССНМ.

Од Синдикатот потенцираат дека особено е важно македонските граѓани да бидат објективно и навремено информирани директно од новинари кои се на местото на случување, особено за процеси како што се на пример пристапувањето кон Европската Унија, како во Брисел, така и во другите главни градови на земјите членки на ЕУ.

– Со ваквата одлука на МИА предизвикана од одлуката на Владата за штедење директно се влијае и на несигурноста на работните места на новинарите и медиумските работници, но и врз стандардите и нормите за објективно и професионално известување за случувањата во светот. Владата, како основач на МИА и контролор на нејзината работа, треба да води особена грижа за присутноста на државната новинска агенција во важните светски центри, и затоа ја повикуваме Владата да изнајде модус за понатамошно соодветно и комплетно функционирање на овој медиум, се додава во соопштението на ССНМ.

Управниот одбор на МИА на седницата одржана на 19 декември донесе Одлука, што стапува во сила од 1 јануари 2023 година, со која се ставаат мирување на дописништвата на МИА во Брисел, Вашингтон и Атина на неопределено време.

– Од 01.01.2023 година се повлекуваат дописниците на МИА од Брисел, Вашингтон и Атина , кои врз основа на Договори за испраќање на работник на работа со задача редовен дописник на МИА од Брисел, Вашингтон и Атина, беа испратени во овие дописништва, се наведува во Одлуката на УО на МИА.

Во образложението на ваквата одлука се посочува дека таа е донесена „поради недостиг на финансиски средства”.

Недостигот на финансии е резултат на кратењето на средствата за МИА со државниот Буџет за 2023 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот