
Српската амбасада реагира на изјавата на вицепремиерот Фетаи за НАТО-бомбардирањето
Амбасадата на Република Србија во Скопје изразува длабока загриженост поради вчерашната изјава на заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за добро владеење, г. Арбен Фетаи, во врска со 26-годишнината од вооружената интервенција на силите на НАТО врз Сојузна Република Југославија, која, меѓу другото, тој ја претстави како „историски момент“ кој отворил „пат кон мир и стабилност во регионот“ и „запирање на геноцидот“, пишува во реакција од Српската амбасада.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Изјави од ваква природа длабоко ги повредуваат чувствата на граѓаните на Република Србија, за кои 24 март претставува симбол на големо страдање и почеток на еден од најтрагичните периоди во поновата историја на нашата земја и народ. За време на 78-те денови на непрекинато бомбардирање, животот го загубија околу 2.500 цивили, меѓу кои и неколку десетици деца, додека повеќе од 6.000 лица беа повредени. Во текот на агресијата беа уништени мостови, болници, училишта, фабрики и културни добра, а многу семејства ги изгубија своите најблиски, домовите и чувството на сигурност. Сеќавањата на тие настани и страдањата на населението се длабоко врежани во колективната свест на нашиот народ, а болката и последиците од тој период се присутни и денес. Токму затоа, секој обид за релативизирање или позитивна интерпретација на овие случувања се доживува како болно и недолично понижување на жртвите и нивните семејства“, велат од Амбасадата.
„Исто така, Амбасадата потсетува дека воената интервенција на НАТО во март 1999 година, беше спроведена без одлука на Советот за безбедност на Обединетите нации, и како таква претставува флагрантно кршење на меѓународното јавно право и на принципите врз кои се темели меѓународниот правен поредок. Затоа, сметаме дека наративот за овој настан, кој е лишен од неопходна правна и морална чувствителност, не придонесува за градење заемно почитување во меѓудржавните односи. Имајќи го предвид горенаведеното, Амбасадата на Република Србија во Скопје изразува надеж дека во иднина ќе биде земена во предвид сложеноста на ваквите теми при јавни настапи, но, што е уште поважно, ќе биде покажана доследност во почитувањето на принципите на меѓународното право, наместо нивна селективна примена и интерпретација“, пишува во реакцијата.
„Дополнително, особено нè загрижува лесното и неосновано користење на јазични формулации и правни термини, како што е терминот „геноцид“, чија злоупотреба претставува релативизирање на поимот и навреда за сите вистински жртви на тој најтежок облик на злосторство. Произволното користење на вакви сериозни квалификации бара посебна одговорност, аргументираност и внимателност, особено во регион кој низ својата историја претрпел бројни страдања. Во таа насока, ја користиме оваа прилика повторно да укажеме на бројноста и условите во кои живее српската заедница на Косово и Метохија, која подолг временски период се соочува со систематско кршење на основните човекови права, институционален притисок, физички напади, уништување на културното и верското наследство, па дури и со сквернавење на гробни и споменични места — сè со цел да се избрише секој траг од вековното присуство на Србите на овие простори“, реагираат од Српската амбасада.
Амбасадата нагласува дека Република Србија и понатаму останува посветена на негување блиски и пријателски односи со Република Северна Македонија, како и на зачувување на регионалната стабилност и соработка, „но истовремено го задржува правото да ја брани вистината за сопствената историја и достоинството на својот народ, кој бројчано најмногу страдал на овие простори во текот на 20 век“.