Сообраќаен хаос гужва во центарот на Скопје / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Среќен роденден Скопје: Каде исчезна градот убав?

Недоволната грижа на сите претходни, а особено на актуелното градско раководство за градот и за скопјани, во сите сегменти на неговото секојдневно функционирање, наместо развој донесе уназадување на градот.

Лоша инфраструктура, нефункционален јавен градски превоз, ѓубре на сите страни, урбанистички хаос, бездомни кучиња по улиците, недоправени фасади и фасади што се распаѓаат, надградби, доградби, загаден воздух, загаден Вардар, изгорена галија закотвена во неговото корито и што уште не, тоа е денешната слика на Скопје. Градот што денеска одбележува 80-години од своето ослободување, градот за чија слобода гинеле луѓе со идеали и верба за подобра иднина, денес, осум децении подоцна, е далеку од тоа да биде радост.

Недоволната грижа на сите претходни, а особено на актуелното градско раководство за градот и за скопјани, во сите сегменти на неговото секојдневно функционирање, наместо развој донесе уназадување на градот.

Освен ставање нов асфалт на улици и обнова и изградба на детски игралишта и на понекој спортски терен, нема ниту еден крупен капитален проект. Нема изградба на нови булевари, нема соодветна инфраструктура за растечкиот сообраќај, нема ниту метро ниту трамвај, а автобускиот превоз е на раб на пропаст. Низ градот останаа започнати и недовршени проекти, забавниот парк се затвори, а на новиот се чека со години, а Универзална сала остана само железен „костур“ од она што некогаш беше. Апсолутно ништо не функционира како што треба.

Улични кучиња Фото: Слободен печат/Стефан Крстески

Градскиот Совет каде што треба да се донесуваат одлуки за развојот на Скопје, се претвори во „мегдан“ за пресметки меѓу Данела Арсовска и неистомислениците, поточно советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а меѓусебните недоразбирања не донесоа ништо добро за граѓаните. Во изминатите три години, всушност, скопјани се соочија со градоначалничка што иако постојано во нејзините јавни настапи тврди дека се грижи и работи во интерес на граѓаните, со дела тоа не го покажува. Медиумите, пак, се соочија со невидена нетранспарентност, Град Скопје стана затворена институција, а јавните претпријатија „заробени“ институции што без дозвола од Град Скопје не смеат да соопштат ниедна информација.

Денеска, на празникот на главниот град, Град Скопје на чело со градоначалничката, досега не упатија јавно ниту честитка до граѓаните. Одбележувањето се сведе на положување цвеќе и на свечена академија и доделување на традиционалните 13-ноемвриски награди на Град Скопје, што треба да се случи вечерва во Македонска филхармонија. Она што со години наназад како информација се споделуваше со граѓаните, за тоа кои се годинешни добитници на наградите, останува непознато до доделувањето, затоа што Градот такви „тајни“ податоци не споделува со јавноста.

Загадување во Скопје / Фото: ”Слободен печат”/ Драган Митрески

За она што се случува во Скопје во последниве години, реагираше градоначалникот на Општина Гази баба, Бобан Стефковски, кој на Фејсбук сподели видео во кое се презентирани слики како денес изгледа градот.

Скопјани не го заслужуваат ова. Ова не е вистинскиот лик на нашето Скопје. Како градоначалник на една од најголемите скопски општини, ве повикувам заедно да се бориме за нашето Скопје. Ако пред 80 години нашите предци воделе борба против окупаторот, нашата генерација се бори против неспособноста на актуелното раководство на Градот. Ве уверувам дека и ние ќе успееме – истакна Стефковски.

Скопјани навистина заслужуваат многу повеќе, заслужуваат функционален, уреден и чист град. Град со кој ќе се гордеат.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот