Прес-конференција на МНР Бујар Османи и Карен Донфрид, помошник државен секретар на САД/ Фото МИА

Средба Османи-Донфрид: Нема време за губење, сега е момент ЕУ да го исполни својот дел од задачата

Сега е вистинско време ЕУ да го исполни својот дел од задачата и да го деблокира нашиот пристапен процес преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција за време на француското претседателство, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи по средбата со помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид која денеска е во посета на земјава.

Османи предупрди дека отсуството на напредок во евроинтегративниот процес ќе има сериозни последици за нашата држава и за земјите од Западен Балкан, но отвора, како што напомена, и простор за штетни влијанија од трети земји поради што „забрзување на евроинтегративните процеси е значаен геополитички интерес и за нашите партнери”.

Според него, процесите на проширување на ЕУ претставуваат и безбедносна политика и оттука, членството на регионот во Унијата е од суштинска важност за регионалната и европската безбедност и стабилност. Никој од нас, потенцира Османи, нема време за губење.

-Северна Македонија е европска земја и лојален партнер со значителен напредок во реформските процеси. Иако се уште земја кандидат, РСМ во целост или стопроцентно е усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и воедно со сите рестриктивни мерки што произлегуваат од воената агресија на Русија врз Украина. Цениме дека сега е вистинско време за ЕУ да го исполни својот дел од задачата и да го деблокира нашиот пристапен процес преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција за време на француското претседателство. Тоа ќе претставува големо охрабрување и за другите земји од Западен Балкан. Ќе се потврди кредибилноста на ЕУ и ќе се охрабрат процесите за надминување на разликите и помирувањето во регионот. Иако стабилен, регионот е обременет со бројни прашања кои создаваат простор за диригирана нестабилност засилена со надворешни влијанија од центри на моќ во чиј интерес не е стабилноста и просперитетот на регионот, нагласи министерот.

Тој повтори дека земјава го поддржува и се солидаризира со украинскиот народ, како и дека јасно ги осудува руските воени дејства во земјата.

-Војната во Украина демонстрираше јасна потреба и за внесување нова динамика во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, укажа Османи.

На прес-конференцијата министерот потенцира дека како НАТО сојузник, Северна Македонија ја презема обврската активно да придонесе во регионалната стабилност.

-Во оваа смисла и САД, како и останатите НАТО сојузници може да сметаат на земјава како стабилен и кредибилен партнер при адресирањето на сите отворени прашања во регионот. Тоа е и наша обврска, но и наш директен интерес да бидеме дел од еден безбеден, стабилен и просперитетен регион опкружени со земји соседи кои ја делиме нашата европска и евроатлантска иднина, рече Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!