
Србија сака да изгради гасна централа со Азербејџан во Ниш
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е важно да се воспостави соработка со Азербејџан и да се изгради гасна централа со моќност од еден гигават во Ниш, бидејќи тој град има голем проблем со струјата.
Препорачано
„Ќе започнеме преговори со Азербејџан за да се изгради за околу 1,2 или 1,3 милијарди долари и да ѝ обезбедиме на Србија добро снабдување со електрична енергија во следните дванаесет години“, изјави Вучиќ, пренесува Пословни дневник.
Тој рече дека во наредниот период ќе се покренат две прашања – како да се обезбеди финансирање на обновливите облици на енергија и како да се започне со изградба на мали модуларни нуклеарни реактори.
„Со кого да го правиме, а да не трае 12-14 години? Тоа се огромни инвестиции. Во ситуација кога не сме ни способни да обезбедиме мир во светот, а имаме голем проблем на полето на енергетиката. Особено за сиромашните земји, а инвестициите се огромни кога станува збор за климата и ова е нешто на што ќе треба сите заедно да работиме“, рече претседателот на Србија.
Српската министерка за енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, во септември најави дека во текот на претстојната зима Србија ќе може да смета на безбедни испораки на околу еден милион кубни метри гас од Азербејџан, што ќе ја зголеми енергетската безбедност на Србија. Србија има развиено соработка со Азербејџан во областа на енергетиката, а кон таа земја се сврте по руската инвазија на Украина.