Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Србија – од држава до режим

Додека власта тврди дека опозицијата ги урива институциите и насилно се обидува да ја измени волјата на гласачите, противниците на власта на Александар Вучиќ се обидуваат да ги повикаат институциите да ја работат својата работа во заштита на уставниот поредок.

Постизборните судири и нередите низ Белград повторно покажаа дека Србија не е држава туку спаднала на режим што смислил колосална замена на тези: опозицијата ги урива институциите и насилно се обидува да ја промени волјата на народот. Всушност е обратно: опозицијата се обидува да повика институциите да ја работат својата работа во заштита на уставниот поредок.

Претседателот Александар Вучиќ провокативно тврди дека изборите биле „најслободните“ во изминатите децении и како да се подбива со голем дел од граѓаните. Противниците на власта на Српската напредна партија тврдат дека биле до таа мерка нерегуларни, што треба да бидат поништени и републичките и изборите во Белград, каде што се појавија десетици илјади фантомски гласачи донесени главно од Република Српска. Изборната миграција беше дополнета со луѓе од оние градови низ Србија во кои локалните избори ќе се одржат дури на пролет.

Посматрачката мисија ЦРТА изрази сомневања дека на изборите на 17 декември дошло до организирана миграција на избирачи во обем што имал пресудно влијание на исходот на изборите за собранието на Белград. На резултатот во главниот град влијаеле 30 отсто од фантомските гласачи, тврдат од Правниот тим на опозициската проевропска група Србија против насилството. Сериозни сомневања во регуларноста на изборите изразија и претставници на странските посматрачки мисии, но власта сѐ повеќе се потпира на курсот на конфронтација во земјата што веќе опасно е поларизирана и возвраќа со обвиненија дека критичарите сакаат да ја дестабилизираат Србија.

Претседателот Вучиќ повторува дека сите имале право да гласаат зашто поседувале уредни дозволи за престој. Некои правници категорично тврдат дека некој може да има двојно државјанство, но може да излезе на избирачко место само во местото на живеење. Сега би требало да се отвори простор за државните институции.

Законодавната власт во моментов не постои, сѐ до формирањето на новиот состав на Народното собрание. Извршната власт е во преодна, техничка состојба. Правосудството е во полн состав.

Би требало обвинителството да го побара од полицијата избирачкиот список за да заклучи дали законот е прекршен или не, да покрене постапка и судот конечно да го реши случајот што го напушти теренот на стручни расправи и се прелеа на улиците – што во ниту една правна држава не се место за решавање. Го нема тоа. Голем број граѓани одамна не биле толку бесни поради изборна измама. Им се придружија и студентите, кои бараат отворање на избирачкиот список. Студентите, на кои им се придружија и колегите од Нови Сад, ги блокираат клучните белградски улици и најавуваат нови блокади.

Како власта, која тешко го прикрива високиот степен на нервоза, ќе одговори на тврдењата за изборна измама, која е документирана со разни снимки и изјави? Како ќе одговори на веќе десетдневниот штрајк со глад на кој се решија седуммина пратеници од редовите на Србија против насилство, вклучувајќи ја и Мариника Тепиќ, една од носителите на листата? Дали секојдневните демонстрации ќе се обиде да ги разбие со водени топови, како во времето на протестите против режимот на Слободан Милошевиќ во 1996 и 1997 година, кога еден од тогашните, но и сегашни функционери цинично праша: „Зарем требаше да ги полеваат со топла вода“? Се знае како тоа заврши. Полицијата во секое општество, па и во демократското, е репресивна сила задолжена да ја штити државата, а не режимот.

Денес полицијата апси демонстранти и постапува по налог од претседателот Вучиќ. Обвинителството молчи по налог од Вучиќ. Судовите не се огласуваат. Што ќе ни е систем кога го имаме Вучиќ, говореше своевремено поранешниот министер за внатрешни работи и шеф на БИА (во оставка) Александар Вулин, што мора многу да им се допаднало на руските автократи, кои повторуваат нешто слично: што ќе ни е систем, кога го имаме Путин?

Вулин, „офицерот за врска“ помеѓу Белград и Москва со отворената блискост со Кремљ, сериозно ги загрози чувствителните баланси и ѝ овозможи на Москва разузнавачка предност во однос на конкурентите од Западот. Лани заедно со Николај Патрушев, секретарот на рускиот Совет за безбедност, формираше работна група, за двете земји да ги координираат безбедносните активности против „обоените револуции“, а тврдеше дека кон крајот на 2021 година Патрушев во Москва предал тајни снимки на една средба на руски опозиционери во Белград. Набрзо потоа некои од учесниците беа уапсени во Русија.

Вучиќ тврди дека „никаква револуција не е во тек во Белград“ и дека „ништо нема да им појде од рака“, а вознемирувачки делува дека веднаш по избувнувањето на нередите се решил на „итни консултации“ со рускиот амбасадор Александар Боцан Харченко. По средбата дипломатот изјави дека го информирал претседателот дека Западот стои зад нередите во Белград. „Тој има несоборливи докази дека поттикнувањето пристигнало од Западот“.

Некако не делува дека е во склад со повторуваните пораки од претседателот дека „нема нам да ни решаваат странски амбасадори“. Прашање е и кој кого информирал? Зошто Ана Брнабиќ, премиерката во технички мандат, ѝ се заблагодари на Москва поради тоа што руските сили за безбедност спроти протестот пред Собранието на Белград, каде што дојде до судири со жандармеријата, ги известиле српските власти дека дел од опозицијата, во режија на некои западни служби, ќе се обиде да ги оспори резултатите од изборите и по насилен пат да ја преземе власта во Србија. Власта сака да верува во искреноста на Москва. Останаа длабоко уверени дека се работи за типична манипулација на руската пропагандна машинерија и пласирање лажни вести.

Така дојдовме во позиција во кризните времиња за Србија да биде најгласна портпаролката на руското Министерство за надворешни работи! Марија Захарова се поставува како светица-заштитничка на српските власти. „Западот се обидува да ја потпали веќе доволно напнатата политичка ситуација во Србија, и тоа користејќи упатство за преврати во стилот на украинскиот Мајдан“.

Претставниците на опозицијата и на студентите, кои се приведени поради учество во протестите, се товарат за повикување на насилно уривање на уставниот поредок и за насилничко однесување, што се тешки кривични дела. Инсинуациите дека демонстрантите во Белград го загрозуваат уставниот поредок и ветувањата дека под такво обвинение ќе бидат изведени пред суд не се само проѕирна махинација, туку и најава за репресија против политичките неистомисленици, каква што секојдневно во Русија ја спроведува режимот на Владимир Путин. Москва не дозволува Србија да се демократизира и засекогаш зад себе да го остави автократскиот модел на владеење, кој, се покажува, заедно со гасот е еден од најефикасните извозни артикли на Кремљ.

Србија чека.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!