Кристофер Хил и Алескандар Вучиќ / Фото: МИА

Србија јасно се врти кон Западот, вели американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил

Амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил, вечерва гостувајќи на телевизијата „Њузмакс Балканс“ оцени дека „Србија јасно се врти кон Запад“ и оти „сака да верува дека САД и Србија добро се разбираат“, како и дека работат заедно на прашања „не само меѓу двете земји, туку и со други земји“.

Хил рече дека е исклучително важен и фактот што Србија ја поддржува Украина во борбата против руската инвазија и дека тоа „многу ја разјасни ситуацијата во последните години“.

– Мислам дека Србија е на вистинскиот пат, а ние секако ги споделуваме и поддржуваме аспирациите на Србија за членство во Европската унија, рече Хил, кој на амбасадорската позиција беше назначен од администрацијата на американскиот претседател во заминување Џо Бајден.

Хил во 90-тите, заедно со Ричард Холбрук, беше еден од архитектите на Дејтонскиот договор со кој се стави крај на војната во Босна и Херцеговина, а беше и американски амбасадор во Албанија и во Македонија, пред да биде испратен на амбасадорски позиции во Полска, Јужна Кореја и Ирак.

Запрашан за можна промена на американската политика кон Србија, со оглед на промената на власта во Вашингтон, Хил рече дека изборите во САД се одржуваат на секои четири години и дека Америка „често ги менува“ владите, но дека, според неговото верување, Србија и неговата земја имаат „некои заеднички интереси кои не се менуваат со администрацијата“.

– Мислам дека односите меѓу САД и Србија ги насочивме во многу позитивна насока и очекувам тие да станат уште подобри, рече Хил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот