Избори / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Срамно е независните да бидат исклучени од изборите – експертски реакции по опасноста да заглават измените на Изборниот законик

Независните се решени да одат на локални и на партиите им доставиле нова понуда за прагот на потписи, со која ако наидат на разбирање кај парламентарните партии би предложиле нови измени на Изборниот законик

Невладините се растрчаа по институциите за да најдат модус да учествуваат на локалните избори откако измените на изборните правила заглавија во Собранието, бидејќи власта нема Бадентерово мнозинство. Независните се решени да одат на локални и на партиите им доставиле нова понуда за прагот на потписи, со која ако наидат на разбирање кај парламентарните партии, би предложиле нови измени на Изборниот законик. За ова веќе се сретнале со Левица и СДСМ, а очекуваат да бидат примени и од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ. Паралелно, тие бараат од Собранието и од Државната изборна комисија (ДИК) толкување дали по укинувањето на одредбите, може да влезат во изборната трка, а на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и на дел од партиите им доставиле дописи како е уредено учеството на изборите на независните во некои од европските земји.

– Бараме од институциите правно толкување во случај да не се донесат измените на Изборниот законик и да настане правната празнина. Дали може да учествуваме на изборите без да собираме потписи, зашто укинатите членови се однесуваа само на потписите? Ние стоиме секаде во законот. Повторно ќе бараме средба со ДУИ, откако првпат не ни одговорија, зашто сигурно ќе има некои преговори, откако за законот нема Бадентерово мнозинство – вели за „Слободен печат“ Татјана Чакулев, претставничка на „Независни за Карпош“.

Таа вели дека се сретнале со СДСМ и им предложиле нови одредби за потписите откако актуелните измени на Изборниот законик можно е Собранието да не ги гласа.

– Во тој случај, пратениците треба да предложат нови одредби за потписите, зашто од овој закон толку. Ако не се гласа, завршена е работата со него и ќе треба нови измени. Ако има нов предлог, бараме да одат други барања за потписи. Сето ова паралелно го тераме. Клучно е толкувањето од Собранието и од ДИК – вели Чакулев.

Невладини Фото: Фејсбук

Невена Георгиевска од „Независни за Карпош“ во ДИК ги кажала забелешките, но таму им кажале дека не смеат да заземаат став зашто ги следат законите.

– Не добивме конкретен одговор што ќе се случи и како ќе настапиме на изборите. Оставија можност дека ни излезат пресрет на однос на сите недоречености во текот на изборниот процес. Во Изборниот законик остана одредбата дека независните учествуваат на избори и во секој случај ние ќе учествуваме, но прашање е како, со колку потписи. Тоа мора да се дефинира – вели Георгиевска.

Власта нема Бадентерово мнозинство, законите на почек

 

И од ДУИ и од Левица ни потврдија дека ако претседателот на Собранието го стави на гласање Изборниот законик, тој нема да помине зашто Бадентеровото мнозинство е кај опозицијата. Поради ова, поверојатно е Законикот да заврши во собраниска фиока. Ако не се регулираат потребните потписи за учество на независните на изборите, ќе се создаде хаос, зашто дел експерти сметаат дека независните може и без ниту еден потпис да учествуваат на изборите. Според други, тоа ќе значи исклучување на независните од изборите што би било срамно.

Борче Давитковски - Универзитетски професор - Фото - Слободен печат / Методи Здравев
Борче Давитковски – Универзитетски професор – Фото – Слободен печат / Методи Здравев

– Ако не се измени законот, независните ќе извисат. Има држави каде што не треба ниту еден потпис за учество на независни кандидати. Големите партии не сакаат конкуренција, но вака да се блокира Изборниот законик е срамота. И промената на изборниот модел не се прави со предлог на пајтон-партија. Има земји каде за промена на изборниот модел се распишува референдум и се утврдува кој модел ќе биде. Ги посипаа со пепел стручната јавност, невладиниот сектор, граѓаните… – вели универзитетскиот професор Борче Давитковски.

Според него, во Изборниот законик точно мора да е определено учеството на независните.

– Невладините нека не спијат на едно уво, ќе бидат маргинализирани и ќе бидат исклучени од изборниот процес. Ова е многу сериозна ситуација и партиите треба да донесат одредба за независните да може да учествуваат на изборите. Во спротивно, ова ќе биде срам за македонската демократија, зашто без независни нема демократија. Се сведуваме на класична партиократија, пајтон партија со пет члена може да оди на избори, а невладините кои со години спроведувале активности да бидат маргинализирани. Тоа многу негативно ќе се одрази на нашите евроинтеграциски процеси – додаде Давитковски.

Александар Новаковски/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Експретседателот на ДИК Александар Новаковски неодамна за „Слободен печат“ изјави дека приоритет на партиите сега треба да биде регулирање на учеството на независните кандидати на локалните избори зашто во спротивно ќе се направи хаос бидејќи тоа што не е забрането со закон, е дозволено.

– Добро е да го решат тоа прашање, зашто за независни и за група избирачи се зборува низ целиот Изборен законик – рече тогаш Новаковски.

Измените за кој власта не обезбеди Бадентерово мнозинство, а зад кои застана и опозицискиот СДСМ предвидува независните кандидати за влез во изборната трка да мора да соберат најмалку 100 и најмногу 3.500 потписи во зависност од бројот на избирачи во општината. Невладините пак, предложија праг од 50 потписи и ја повикаа шефицата на државата да не го потпише указот на законот ако тој помине во Собранието.

 

„Независни граѓански иницијативи“: Итно носење на измените во Изборниот законик за намалување на прагот за поднесување независни кандидатски листи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот