„Спортска треска“ го обзеде Ѓорѓиевски

Орце Ѓорѓиевски е уште еден политичар што ја користи пропагандната моќ на спортот за сопствено промовирање во пресрет на важен политички чин како што се претстојните локални избори во Македонија

Орце Ѓорѓиевски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје и актуелен градоначалник на Кисела Вода, навистина е голем љубител на спортот. Деновиве е растрчан по спортските борилишта, настани, подготовки… за да бодри, да стартува, да поддржува… Изгледа е вистински спортски фанатик и таа негова „раздвиженост“ не останува незабележана од медиумите, па според тоа и од јавноста.

Тоа што се ближат локалните избори во Македонија, тоа само случајно се поклопува со „спортските“ активности на Ѓорѓиевски, едноставно една коинциденција?! Сепак, тешко дека е така.

Всушност, шегата настрана, ретки, многу ретки се оние што можат да поверуваат во ваква „коинциденција“. Јасно е. Ѓорѓиевски е уште еден политичар, кој ја користи пропагандната моќ на спортот за сопствено промовирање во пресрет на важен политички чин како што се изборите. Тоа е нашата констатација за заднината на пројавената „спортска треска“ што го обзела.

Тој не го измислил овој начин за политичка промоција преку спортот, тоа е досега повторувано и повторувано, кај нас и во светот, многупати. Ѓорѓиевски е само еден од многуте кој ја пее истата песна. Но, мора да се признае, тоа го прави со голем ентузијазам и засега прилично фреквентно. Ако добро забележуваме, тој во тоа предничи забележително пред другите „тркачи“ за претстојните избори. И не избира спортови, битно е тоа да биде настан од висок интерес за публиката. Барем така изгледа неговото предизборно однесување, како што ние го толкуваме.

Последен спортски „ангажман“ му е средбата со дел од фудбалската репрезентација на Македонија каде што, според неговата објава на социјалните мрежи, добил поддршка во пресрет на локалните избори од Александар Трајковски, Милан Ристовски, Никола Серафимов и Дамјан Шишковски.

Секако, лично право е на фудбалерите кому ќе му дадат поддршка за изборите, како што е право и на секој друг граѓанин на Македонија. Но, дека Ѓорѓиевски на овој начин ги користи претстојните мечеви на репрезентацијата, за кои владее голем интерес, за да се промовира пред електоратот, тоа, според нас, е повеќе од јасно.

Прашањето е колку е тој чин на Ѓорѓиевски исправен од етичка гледна точка? Тоа секој граѓанин што ќе излезе на избори нека си го одговори самиот себеси.

Замислете си како би изгледале подготовките на репрезентацијата во пресрет на клучните мечеви од квалификациите за СП 2026, ако и други учесници во предизборната трка почнат да го посетуваат кампот на „рисовите“ за да добијат поддршка и да се „сликаат“. Не е убава слика, нели? Уште помалку ова е корисно за хомогеноста на тимот. Да се надеваме дека нема да се повтори.

Се појави Ѓорѓиевски и на почетокот на Визер скопскиот маратон и тоа на лична покана од министерот за спорт Борко Ристовски за да го означи стартот. Повторно во прашање беше врвен спортски настан од висок интерес, како измислен за предизборна промоција. Влезе споменатиот градоначалник и во гардеробата на РК Вардар по победата над РК Еурофарм Пелистер, да честита, да вети… Па и тоа си доби свое медиумско значење. Повторно, спортски настан од исклучителен интерес во јавноста. Ќе видиме како ќе продолжи. Само дајте спорт. Зашто, избори се ближат…

За волја на вистината, спортот е застапен во предизбориево и од други страни, можеби на малку поинаков начин, но повторно, според нас, со намера да се искористи пропагандната моќ на оваа дејност.

Националните кошаркарски величини Марин Докузовски, Ѓорѓи Чековски, Тони Симиќ, фудбалската легенда Љупчо Марковски, сите се носители на советничките листи на ЗНАМ во пресрет на локалните избори. Сигурно има и некои други примери. Повторно, никој не може на овие луѓе да им забрани да се ангажираат политички. Тоа е нивно право, како и на секој друг.

Сепак, останува некоја горчина кај обичниот граѓанин, кога овие имиња, а и многу други легенди во минатото го користеле својот скапо и макотрпно добиен јавен кредибилитет низ спортот, за да се пробијат во политиката, дејност која еден добар дел од луѓето ја сметаат за коруптивна, сомнителна. И не без причина.

Мешањето на политичари во спортот и на спортисти во политиката во најголем број случаи било штетно за првата спомената дејност. Но, изгледа лек за тоа нема, за што сме сведоци и во ова предизборие, како и многупати во минатото. Спортот е едноставно крајно привлечна алатка за да се добијат повеќе гласови и популарност во политиката. А алатките, по употребата, обично се ставаат – во шупа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот