
Спирометрија и ЕКГ за жителите на Трубарево, дури 10 дена после пожарот
Денеска и утре од 10 до 16 часот екипи од Клиниката за пулмологија и алергологија со амбулантни возила ќе им го проверуваат здравјето на жителите на Трубарево, откако ги снајде опасен пожар после кој во воздухот беа испуштени опасни концентрации на тешки метали меѓу кои олово и кадмиум. Амбулантните возила ќе бидат поставени кај маркетите „Бренд“ и „Флорида“.
Препорачано
Откако не беа евакуирани од своите живеалишта после големиот пожар што пред 10 дена зафати склад за електричен отпад, на жителите на Трубарево барем ќе им се направат прегледи – спирометрија, ЕКГ и други потребни испитувања. Министерот за здравство Азир Алиу вели дека самите жители не сакале да ги напуштат живеалиштата.
Прегледите се наменети за сите жители, а особено за оние што имаат потешкотии со дишењето или симптоми поврзани со заболувања на дишните патишта.
Концентрацијата на кадмиум во воздухот по пожарот во Трубарево била скоро 12 пати повисока од дозволената, а имало и зголемено загадување со арсен и олово, објави Министерството за животна средина, шест дена откако избувна големиот пожар во Трубарево.
Анализите од 13 и 14 септември покажаа 59,1 ng на метар кубен концетрација на кадмиум во воздухот од дозволените 5. Има зголемување на концетрацијата на арсенот, од максималните 6, измерени се 8,9 нанограм на метар кубен. Во воздухот имало 0,75 микрограми концетрација на олово од дозволените 0,5. На тешкиот метал никел нема надминување на дозволените граници.
Од Министерството за животна средина уверуваат дека сосојбата сега е стабилизирана и воздухот е со параметри во рамките на границите.