
Сончева енергија од вселената – решение за енергетската криза?
Сончевите панели базирани на вселената (SBSP) би можеле да ги намалат потребите на Европа за обновлива енергија на копно за дури 80 проценти до 2050 година, покажа нова научна студија. Истражувањето, предводено од научници од Кингс колеџ во Лондон, за прв пат го проценува влијанието на вселенската сончева енергија врз европскиот континент.
Препорачано
Користејќи детален компјутерски модел на идната енергетска мрежа на Европа, истражувачите утврдија дека системот на соларни панели дизајниран од НАСА би можел да ги намали вкупните трошоци на европскиот енергетски систем за дури 15 проценти. Исто така, би ја намалил потребата од батерии за складирање енергија за повеќе од две третини- пренесува Каматица.
Вселенските соларни панели користат дизајн на хелиостат, каде што рефлекторите собираат сончева светлина во орбитата и ја пренесуваат до станиците на Земјата, каде што се претвора во електрична енергија. За разлика од копнените извори на енергија, кои зависат од временските услови, овие панели би обезбедиле континуирана енергија на ниво на гигават.
Истражувањата покажуваат дека таков систем би можел да биде алтернатива на централизиран енергетски ресурс што би го стабилизирал снабдувањето на Европа, намалувајќи ја нејзината зависност од гас. Иако студијата нуди ветувачки резултати, авторите забележуваат дека моделот не ги зема предвид сите потенцијални предизвици, како што се орбиталната преоптовареност, прекините во преносот или високите трошоци за изградба и одржување. Д-р Веи Хе, главен автор на студијата, истакнува дека вселенскиот отпад би можел да ги оштети сателитите.
И покрај ризиците, тој верува дека вселенската сончева енергија има потенцијал да им помогне на земјите да постигнат нето нулта емисија.
„Сега е време“, додава тој, нагласувајќи дека преминот кон обновливи извори на енергија е најважниот чекор за човештвото.
Јапонија веќе развива таков систем, а истражувачите веруваат дека Европа би можела да го следи примерот, користејќи ја долгогодишната традиција на мултинационална соработка во рамките на Европската вселенска агенција.