
Солза Грчева: Високото образование е во слободен пад, мора со системски реформи да го подобриме квалитетот
Д-р Солза Грчева, професорка во пензија на владината седница во вторникот е именувана за Национален координатор за реформи во високо образование. Владата го задолжи МОН за формирање на Национално координативно тело за реформи во високото образование, наука, истражување и развој чија задача ќе биде анализа на високото образование, и работата на високо-научните институции со цел да се воспоставува ред и законито работење.
Препорачано
Телото, според премиерот Мицкоски, треба да воспостави ред во високо-образовните установи во земјава и се закани дека без акредитација и дозвола за работа ќе останат оние кои нема да ги отстранат недостатоците во разумен рок.
Грчева за „Слободен печат“ изјави дека веќе од понеделник ќе почне да работи на зададената задача, а во наредниот период треба кадровски да се екипира и нејзиниот тим.
– Би сакала да работам со свој фиксен тим на луѓе, најмногу до 5, но да можам да повикам по потреба и експертски тим кој со свој инпут ќе придонесе да направиме стратегија за развој на високото образование. Тоа е сега во слободен пад, многу сме потонати на сите ранг листи на светските универзитети. Немаме унифицирани и национални стандарди во унапредувањето на звањата на професорскиот кадар на универзитетите, а треба да работиме и на стратегија за студентскиот стандард. Имаме многу работа – вели Грчева за „Слободен печат“.
За почеток на работата на Националното координативно тело очекува добра соработка и со универзитетите, со Заводот за статистика, Министерството за образование од каде ќе се црпат податоците за да се добие слика за високообразовниот систем и за недостатоците кои треба системски да се надминат за да се добие квалитет во оваа сфера.
– Треба да проектираме платформа, да ги следиме европските стандарди во високото образование и да изградиме широк национален консензус за реформите во високото образование. Меѓу другото треба да се реши и финансирањето на факултетите, зошто сегашното по бројот на студенти, не функционира и придонесува кон тоа да се затвараат студиски програми од клучни области поради недоволен број на студенти. Тоа се случува на студиите по хемија, физика, историја, македонски јазик, географија, социологија и некои други каде нема доволен број на студенти. Финансирањето по студент не финкционира – вели Грчева и додава дека ѝ престои работно лето за да ја подготви својата визија за високото образование.
Во разговорот за „Слободен печат“ нагласи дека врвен приоритет е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) кој минатата година се најде на 1.990-то место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за 2023 година, што ја објави Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR).
– Приватните универзитети во Македонија се уште илјадници места подолу од УКИМ и тоа е голем срам за државата и одговорност на Одборот за акредитација на високото образование и Агенцијата за квалитет на високото образование. Ќе има и таму кадровски промени и ќе соработуваме со нив, а работата на приватните универзитети ќе биде скенирана, но УКИМ има најголем потенцијал и треба да се концентрираме како Национално тело на неговиот напредок и организација – вели Грчева која е и претседателка на партијата „Глас“ од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Националното тело ќе реферира директно кај премиерот Мицкоски кој вчера посочи дека по неодамнешната посета на универзитети во Вашингтон и Лондон и при средбата од колегите од соседството се засрамил кога му посочиле како лесно во Македонија се добиваат дипломи од акредитираните високообразовни институции во државава. Последен во низата скандали во високото образование беше оној кога во јуни годинава, во вакуум простор до формирањето на новата влада, решение за акредитација на Факултет за здравствени науки доби Меѓународниот универзитет во Струга, па Владата на својата прва седница, донесе одлука дека овој универзитет кој се поврзува со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, не може да основа Факултет за здравствени науки.
– Ова јас го кажувам најотворено. Зошто? Затоа што се срамам на две места каде што бев и во Вашингтон и во Лондон каде што имав можност со мои колеги од соседството да разговарам, едните и другите и третите, ми кажаа – од кај вас преку ден се добиваат дипломи. И ни прават проблем во нашите држави. Тоа не може да се случува повеќе. Тоа не може да се случува, посебно што јас доаѓам од високото образование. Не може дипломи преку ноќ да се добиваат. Тоа мора да се смени, ќе имаат разумен рок да ги отстранат недостатоците. Тие што нема да ги отстранат ќе мора да затворат. Да ја изгубат дозволата за работа, да ја изгубат лиценцата, акредитацијата“, потенцираше премиерот Мицкоски.
– Се надевам на многу успеси во работата како национален кооридинатор за реформи во високото образование. Тоа ми се навистина блиски теми и тоа е она што најдобро го знам и конечно да го ставам во погон за доброто на државата. Ќе работиме на многу системски зафати, транспарентно и јавно, а ќе организираме и многу јавни дебати со експерти од оваа сфера на кои ќе ги поканиме и медиумите – рече Грчева.
Формално правната организација на новото владино тело допрва ќе се утврдува, а Грчева и тимот кога ќе биде формиран првобитно ќе има свое седиште во Владата на „Илинденска“.