
Собранието си остана доследно на бурни случувања, Гаши на скандали
Спикерот Гаши во стилот „ѕвездата е родена“ во сенка го фрли новиот парламентарен состав уште првиот ден како претседател на Собранието откако заклетвата прво ја прочита на албански, па на македонски јазик, со што си обезбеди и „планетарна слава“ зашто стана познат и за тие коишто претходно не чуле за него.
Тројца претседатели на Собранието, двојни избори, нов претседател на државата, нов собраниски состав и нова влада, смена на власта, закони на брза лента, неколку скандали на актуелниот прв парламентарец и експресна интерпелација, се само некои од настаните коишто ја одбележаа 2024 година кога станува збор за законодавниот дом.
Препорачано
И годинава Собранието си остана доследно на бурни парламентарни случувања во кои не изостанаа навреди меѓу пратениците, блокади на комисии, но и за влакно спречена тепачка при што народни избраници си разменија сочни пцовки.

Иако најавуван како услов од Вреди за да остане во Владата, Собранието во 2024 година не го отвори Уставот за внесување на Бугарите, а кога станува збор за евроинтеграцискиот пат на Македонија, ни годинава што изминува не ја помести земјава ни милиметар на долгиот европски пат којшто ни претстои. Со оглед на претстојните локални избори во октомври 2025 година, неможноста Бугарија да избере политичка влада и гаранциите кои државниот врв ги бара за да нема ново вето, малку е веројатно дека и во новата година е можен пресврт и почеток на преговорите.

Џафери ја смени фотелјата, ВМРО-ДПМНЕ со апсолутна власт
Годината почна со договорот меѓу СДСМ и ДУИ за „унапредување“ на Талат Џафери од претседател на Собранието во технички премиер или како што се фалеше ДУИ, првиот премиер Албанец, што интегративците си го прокнижија како уште едно достигнување. Во столчето на Џафери, на крајот на јануари седна дотогашниот координатор на СДСМ Јован Митрески кој како претседател на Собранието ги распиша претседателските и парламентарните избори. Активностите на Собранието во предизборен период секогаш се сведени на минимум за пратениците да не ја злоупотребуваат парламентарната говорница за терање изборна кампања. Митрески на 14 февруари ги распиша претседателските и парламентарните избори. Првиот круг од претседателските избори се одржа на 24 април, а вториот круг заедно со парламентарните избори на 8 мај. Во мандатот на Митрески како претседател на Собранието се донесени вкупно 72 закони и одлуки, парламентот го избра Љупчо Коцевски за нов јавен обвинител, а беа донесени и одлуки за избор на уставен судија и на член на ДИК, со што се комплетираа тие две институции.
Изборите значеа и крај на владеењето на коалицијата на СДСМ и ДУИ, односно историската победа на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските и на парламентарните избори значеше промена на власта со што партијата на Христијан Мицкоски доби речиси апсолутна власт.
Мицкоски го одржа предизборното ветување и ДУИ и коалицијата Европски фронт ја остави надвор од власта, одлука што таа до денеска ја оспорува. Во новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ учествуваат и коалицијата Вреди и ЗНАМ. Карактеристика на новата влада е дека има безмалку двотретинско мнозинство во парламентот, наспроти тенкото мнозинство на претходните влади на Зоран Заев и Димитар Ковачевски.

Фото: Фејсбук Собрание
„Ѕврздата е родена“
Конститутивната седница на новиот парламентарен состав која се одржа на 28 мај, по договорот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди – Африм Гаши да биде новиот претседател на парламентот значеше и почеток на серијата скандали на првиот парламентарец. Гаши во стилот „ѕвездата е родена“ во сенка го фрли новиот парламентарен состав уште првиот ден како претседател на Собранието откако заклетвата прво ја прочита на албански, па на македонски јазик. Со ова си обезбеди и „планетарна слава“ зашто стана познат и за тие коишто претходно не чуле за Гаши. Тој пак, уште неседнат во претседателската фотелја заработи претставка, му беше најавена интерпелација, но и кривична пријава за кршење на Уставот за непочитување на македонскиот јазик како прв официјален јазик во државата. Гаши уште на почетокот на мандатот се соочи и со барањето да констатира престанок на пратеничкиот мандат на претходникот Талат Џафери зашто тој едновремено извршуваше две функции и пратеник и технички премиер, но ова се заврши во стилот на веќе славната изјава на Али Ахмети „како до сега“, односно Џафери остана пратеник, а Гаши заработи нова кривична пријава.

Но ова беше само почеток или загревање на веќе скандал-мајсторот во Собранието зашто бура реакции предизвика изјавата на Гаши дека негова татковина е Косово. Мицкоски побара тој да им се извини на граѓаните на Македонија, по што Гаши „објасни“ дека не бил добро разбран. Гаши непријатно ги изненади граѓаните и кога дозволи молитва во Собранието при одблежувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница. Реакциите со право беа дека тој не смеел да дозволи каков било религиски обред во Законодавниот дом зашто Македонија според Уставот, е секуларна држава. Тогаш пратениците кои не беа од исламска вероисповед се најдоа во небрано кога нивни колеги и гости при оддавање почит на жртвите од Сребреница почнале да се молат. Претседателот на Собранието пак, се вадеше дека тој не ја иницирал молитвата и дека таа не била во пленарната сала. Па така, по само два месеци на функција Гаши доби нова најава за интерпелација.

Што се скандалите во споредба со мнозинството!
Сепак, врв на скандалите на претседателот беше кога член на неговото обезбедување на скопскиот аеродром вперил пиштол на вработен на аеродромот, бидејќи не дозволил косовската претседателка Вјоса Османи да ја прескокне скен контролата на нејзините багаж и телефонот пред да влезе во авионот. Гаши тогаш објаснуваше дека тој интервенирал за да спречи поголем дипломатски инцидент и дека обезбедувањето отишло за да ја смири ситуацијата. Епилог од инцидентот е кривична пријава за телохранителот на Гаши, а за него дополнување на барањето зошто тој не треба да биде претседател на Собранието.
По сите инциденти и скандали како цреша на шлагот дојде свадбата на Косово кога освен Гаши границата само за две минути, без контрола ја поминале уште шест свадбарски автомобили со роднини на претседателот на Собранието. Епилогот од свадбарската поворка беше дисциплинска постапка за шестмина гранични полицајци. Гаши и по сите скандали сметаше дека професионално ја извршува функцијата и дека злонамерните само го оцрнуваат и со речиси двотретинско мнозинство на власта јасно беше дека тој ја преживеа интерпелацијата.
И додека Гаши случувањата во македонското Собрание ги правеше прва вест во Косово и во Албанија, Парламентот беше во центарот на вниманието но во пошироки размери кога новата претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова од свечената заклетва при инаугурацијата го изостави „северна“ од уставното име на државата. Веднаш следеа бурни реакции од Грција за непочитување на Преспанскиот договор, а грчката амбасадорка во Македонија го напушти Собранието и инаугурацијата на Сиљановска.
Блокирани комисии, закони на брза лента
Големото парламентарно мнозинство, но сепак со поддршка и од ДУИ му овозможи на Мицкоски уште пред формирањето на новата влада да ја реорганизира владата, односно да формира нови министерства. Ахмети пак, изгледа џабе го поддржа Мицкоски за реорганизација на владата, но и да нема избори за градоначалници иако дел од актуелните станаа министри, зашто досега ништо не се офајди освен истраги и обвиненија за високопрофилирани интегративци.

Глатко помина и заемот од Унгарија. И новото мнозинство ја продолжи праксата на експресно носење закони по скратена постапка, за што Гаши се правда дека е поради усогласување на имињата на законите со новите министерства и со уставното име на државата. Позитивно е дека новото мнозинство не го злоупотребува европското знаменце за законите.
И новиот како и претходните парламентарни состави не е имун на блокади иако работи според новиот собраниски Деловник, кој пак, го елиминира филибастерингот. Сега на „цена“ се блокирани комисии, односно ако на претседателот на комисијата не му се допаѓа некој закон – не закажува седница, како во случајот со законот за бранителите и тој останува заглавен во парламентот. Но освен законот заглавена е и комисијата.
Премиерот Мицкоски пак, од собраниската говорница обелодени дека бил следен како лидер на најголемата опозициска партија под изговор дека бил „мозок“ на параполициска и паравоена формација, што доколку се потврди е мега скандал од типот на „големото уво“ и „масовносто прислушување“.

Бурни случувања во Собранието се најавуваат и во почетокот на новата година поради разрешување на петте члена на Судскиот совет избрани од парламентот, а во првиот месец од годината пред пратениците ќе се најде и законот за правична застапеност откако Уставниот суд го укина балансерот, за што пак, ДУИ правеше театар дека е укината правичната застапеност.