
Со песна и игри
Кога американскиот претседател Доналд Трамп во миг на „творечки занес“ реши да воведе тарифи, односно даноци за речиси цел свет, со посебен осврт на Европската Унија, некои тука триумфалистички најавија дека, ете, дојде мигот да се има корист од брегзитот.
Ги нервираше многу. Не сите, некои. За други беше забавно и уживаа во музиката. Немаше директно јавување од пред парламентот во Лондон, без да се слушне музика во заднина, како своевиден коментар на политичките случувања во земјата. Дело на Стив Бреј, антибрегзит активист што со години организираше соло протести пред британскиот парламент. Тој стана славен прво во годините по гласањето во 2016 година за излегување од Европската Унија.
Препорачано
„Запрете го брегзитот“, извикуваше Стив при речиси секое јавување во живо на новинарите од ширинката спроти парламентот, определеното место за известување од каде што има најдобра позадина – јасно се гледаат зградите на парламентот и на Елизабет кулата, каде што на врвот е закачено ѕвоното Биг Бен. Облечен во сино жолта маичка, претставувајќи го знамето на ЕУ и со син цилиндер на главата, Стив Бреј стана „заштитно лице“ на противењето на брегзитот на различен начин, со протести со мегафон, микрофон и звучници кои ги носи со себе.
Последните години, можеби со оглед на тоа дека не успеа да го запре брегзитот или, пак, за да ја изрази својата креативност и да продолжи со коментирањето на британската домашна политика, Стив се сврти на музика. И почна да пушта сатирични песни секоја среда, кога во парламентот се одржуваат пратеничките прашања. Внатре пратениците поставуваат прашања, а надвор одекнува темата од „Мапет шоу“ (време е да се свири музика, време е да се запалат светлата, да се нашминкате и да ги сретнете мапетите… кукли, марионети што се движат со конци). Мала дигресија – до денешен ден „Мапет шоу“ ми е една од најомилените емисии од детството, и ако не сте ја гледале, задолжително да ја погледнете – ја има на Јутјуб за без пари, нивниот хумор е безвременски. Другата омилена музика за среда на Стив му е маршот на сај -фај мега – злосторникот Дарт Вејдар, од „Војна на ѕвездите“. Има уште неколку, во зависност од приликата и од дискусиите во Долниот дом на британскиот парламент. А и Горниот не е поштеден…
Но, тоа не е сè. Стив изгледа има музичка подлога или илустрација и за други настани поврзани со домашната политичка сцена, односно политичарите. Така, кога поранешниот премиер Риши Сунак пред некоја година во еден дождлив ден излезе пред 10 Даунинг стрит да објави дека поднесува оставка, Стив го пушти „ до даска“ рефренот „работите сега можат да станат подобри“ од истоимената песна на Хауард Џонс. Позитивна и мотивирачка песна, велат познавачите. Ама како за кој.
Изгледа мистер Бреј ептен им стапна на нога на некои. Излезе дека не сите се забавуваат со музичките и вербалните коментари на Бреј. Членови на, велат, високото раководство на конзервативната партија, решија да тужат, мнозинството на „коментарите“ биле навредливи и против оваа партија. Не беше уапсен, ама полицијата поведе судски процес. Имаше истражувања, имаше експерти, имаше сведоци, снимки и изјави… и на крајот судот во Лондон реши дека – Стив Бреј не е виновен. И дека може да си продолжи со песните и музичките коментари.
А брегзитот? Покрај изгледа сè поприсутниот консензус дека излегувањето од Европската Унија донесе повеќе проблеми и штети отколку придонеси за земјата, имаше еден момент кога брегзитџиите се почувствуваа оправдани – дека конечно да се биде надвор е корисно. Кога американскиот претседател Доналд Трамп во миг на „творечки занес“ реши да воведе тарифи, односно даноци за речиси цел свет, со посебен осврт на Европската Унија, некои тука триумфалистички најавија дека ете, дојде мигот да се има корист од брегзитот. Зашто сѐ досега, корист нема, напротив – излегувањето се одрази и на економијата, и на културата, и на бизнисот, и на… Но набргу дојде реалноста дека, нормално, не е сѐ така црно – бело и дека во или надвор од ЕУ, Трамп е Трамп и дека шансите за „дил“ се обратно пропорционални со рационалноста на моменталната американска политика. Ене ја канцеларката Рејчел Ривс во Вашингтон, надевајќи се на договор со американскиот претседател и неговите дека може да се постигне поволен договор за увоз-извоз без полнење на британските самопослуги со хлорирано пилешко месо, на пример, нешто што патем речено е долгогодишен проблем во трговските односи меѓу двете земји. Истовремено, владата на лабуристите почна да презема активности, за договори со ЕУ за олеснување на соработка во многу полиња, како што изјави деновиве владин претставник. Од друга страна, се прават напори да се постигне договор и со Соединетите држави, и тоа пред самитот на 19 мај, за да не се наруши британско – американското партнерство.
Некако очекувам деновиве да се појави и Стив Бреј со неговите звучници, микрофон и мегафон и да распали со онаа на „Битлсите“, на пример – A Hard day’s night – Ноќи на напорни денови… и работев како пес… знаеш дека работам цел ден, да ти донесам пари да купуваш работи што ги сакаш… (ама не хлорирано пилешко, молам).
Писма од Лондон
(Авторката е новинарка)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“