
Со Национална стратегија за поголема сајбер безбедноста и спречување на хибридните напади
Соочена со алармантен пораст и на сајбер напади и на хибридни закани со широк дијапазон од напади кон критичната инфраструктура и јавните институции до широко распространети закани со поставени бомби и кампањи за дезинформации кои имаат за цел да го дестабилизираат општеството Владата ја донесе Националната статегија за сајбер безбедност 2025-2028 година, која според Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација е стратешки патоказ за зајакнување на севкупните напори за градење на отпорноста и безбедноста на државата во сајбер просторот. Преставена е како пресвртница во процесот на дигитална трансформација на државата која е неопходна зошто и ризиците се реални.
Препорачано
– Како што видовме од сите досегашни сајбер напади врз критични сектори, заканите со бомби и координираните кампањи за дезинформација – ризикот и опасностите се тука. Тие закани ја нарушуваат довербата на јавноста, ги поткопуваат нашите институции и претставуваат значителен ризик за националната безбедност. Преземањето активности не е една од алтернативите, туку е единствен пристап што не дозволува одложување, нагласи министерот Андоновски.
Според министерот државава повеќе од 3 години функционира без национална статегија за сајбер безбедност оставајќи драматичен недостаток во подготвеноста против заканите во сајбер просторот кои се развиваат. Отсуството на сеопфатен закон за сајбер безбедност и регулатива дополнително ги остави ранливи и под ризик институциите и граѓаните.
-Националната стратегија не треба да се сфати како реакција на предизвиците туку како рамка што гледа напред за создавање безбедна дигитална идина за секој граѓанин, за секоја компанија и за инститциите во државата. Нашата визија е да изградиме безбеден, флексибилен, одржив и инклузивен дигитален еко систем кој го поддржува економскиот раст, ги штити правата на граѓаните и ја поттикнува довербата во дигиталните технологии. Стратегијата како текст идентификува 5 клучни приоритетни области за спроведување со најитните предизвици и поставување на темелите за одржлив напредок, објасни министерот Андоновски.
Стратегијата предвидува зајакнување на националните капацитети за сајбер безбедност пред се на новиот Сектор за сајбер безбедност во рамки на Министерството за дигитална трансформација но и подобрување на институционалната координација, потоа обезбедување на критичните инфраструктури и системи во други сектори, од енергетика и здравствена заштита, до финансиски услуги и заштитата на овие витални системи пред се преку јавно приватно партнерство, градење на сајберотпорно општество преку таргетирани кампањи за едукација и во подготовката на Центарот за побезбеден интернет, минимизирање на влијанието на сајбер инцидентите како и подобрување на националната и меѓународната соработка во овој домен преку партнерства со меѓународните сојузници, вклучувајќи ги ЕУ и НАТО како и глобалните организации за сајбер безбедност.
– Сајбер безбедноста е заедничка одговорност. Оваа стратегија гo повикува секоj граѓанин, бизнис, јавна институција и меѓународен партнер да ги здружат силите. Заедно, мораме да ѝ дадеме приоритет на безбедноста на нашите дигитални простори, да ги заштитиме најранливите меѓу нас и да ја зајакнеме довербата што е основа на нашето општество, нагласи министерот.
Тој им се заблагодари на сите засегнати чинители во рамки на подготовката на стратегијата – работната група предводена од МДТ, партнерите од проектот на УСАИД за заштита на критичната инфраструктура, партнерите и институциите кои беа вклучени, како и академската фела, невладиниот сектор и претставниците на приватниот сектор. Нацрт Законот за сајбер безбедност е веќе објавен на ЕНЕР и отворен за сугестии од експерти, граѓани и сите заинтересирани страни.