
Смртоносен отров стрихнин имало во пликот испратен до белгискиот премиер
Белгиските власти објавија дека супстанцијата содржана во пликот испратен до премиерот Александар де Кроа го содржи смртоносниот отров стрихнин.
Препорачано
Обвинителството во Брисел објави дека супстанцијата испратена во ноември минатата година е стрихнин. Вработен во канцеларијата на Де Кроа, кој го отворил пликот, добил болничка нега поради повреди на рацете откако го отворил писмото.
Инцидентот се случи на 22 ноември, два дена откако слични пакети беа пронајдени во канцеларијата на министерката за внатрешни работи Анелизе Верлинден и во седиштето на службата за државна безбедност. Друго лице е ставено во карантин како мерка на претпазливост, според Гардијан.
Де Кроа рече дека му олеснало дека никој не е повреден и дека „во соработка со полицијата, внимателно ја следи ситуацијата“.
Во четвртокот, портпаролот на Де Кроа рече дека писмата со отров очигледно го шокирале премиерот и неговиот персонал.
„Нашиот колега за среќа сега е добро и во тоа време сите процедури беа строго почитувани за да се избегне дополнителна штета“, рече портпаролот. „Сепак, ова не може да стане нова нормала“, додаде тој.
Стрихнин е бел отровен прав без мирис кој може да предизвика грчеви во мускулите, срцев удар, откажување на органите и смрт. Драматичните конвулзии што може да ги предизвика во високи дози ги инспирираа писателите на криминалистичка фантастика како Х.Г. Велс, Артур Конан Дојл и Агата Кристи.