
Словенија забрани увоз од палестинските територии под израелска окупација
Словенија го забрани увозот на стока од нелегални израелски населби на окупираните палестински територии, одлучи владата во среда, објави премиерот Роберт Голоб.
Препорачано
Владата им наложи на министерствата за економија и надворешни работи да ја испитаат забраната за извоз на стоки од Словенија наменети за овие населби, јавува Н1 телевизија.
На иницијатива на Голоб, владата одобри и одлука за дополнителна помош за палестинското цивилно население во форма на храна и ќебиња, чија проценета вредност, вклучувајќи го и транспортот е до 879.490 евра. Материјалната помош ќе биде обезбедена од материјалните резерви на Министерството за одбрана и армијата, а ќе вклучува 1.000 ќебиња и до 7.680 суви дневни оброци.
Забраната за увоз значи континуиран притисок од Словенија врз Израел за уништување на Газа и гладување на населението во палестинската енклава.
На иницијатива на премиерот Голоб, словенечката влада, исто така, донесе одлука на крајот на јули со која се забранува извоз и транзит на воена опрема и оружје од или преку Република Словенија во Израел, како и увоз од Израел во Словенија.
Оваа одлука доаѓа по претходните најави на премиерот Голоб дека Словенија ќе дејствува независно доколку Европската Унија не е во можност да донесе конкретни мерки до средината на јули. Во средината на јули, Словенија објави дека формално ќе прогласи двајца израелски министри за персона нон грата, наведувајќи ја нивната улога во она што го нарече „неподнослива ситуација“ во Газа.