Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Слободата на изразувањето е основно човеково право и гарант за нормален и достоинствен живот на луѓето

Среќен 10-ти роденден за СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Издржа безброј удари, се соочи со безброј предизвици, но опстана и остана еден од највидливите белези на македонскиот медиумски и општествен простор. Не им предвидувам помирна иднина, бидејќи ја нема за никого, но затоа, пак, потребни се медиуми како СЛОБОДЕН ПЕЧАТ, за целото општество да се соочи со бурните настани и процеси пред нас. Светот е во постојана внатрешна борба меѓу силите со спротивставени вредности. Му посакувам на СЛОБОДЕН ПЕЧАТ ДА ПОБЕДИ ВО БИТКАТА ЗА ЦИВИЛИЗАЦИСКИ И ЕВРОПСКИ ВРЕДНОСТИ.

Светот е во постојана внатрешна борба меѓу силите со спротивставени вредности. На едната страна се силите на авторитарно владеење, воинствени и геноцидни политики, експлоатација и дискриминација. На другата страна се силите на демократијата, прогресот по човечка мерка, и почитувањето на човековите права и слободи.

„Секој човек има право на слобода на мислење и изразување. Ова право ја вклучува и слободата да се застапува одредено мислење без никакво вмешување и да се бараат, да се примаат и да се даваат информации и идеи преку медиумите и без оглед на границите“ – Член 19 од Универзалната декларација за човековите права, Обединети нации, 1948 година.

Живееме во доба кога слободата на изразувањето, што ја подразбира и вклучува и слободата на медиумите, спаѓа во основни човекови права. Ова човеково право е дел од 30-те основни човекови права и слободи дефинирани со Универзалната декларација за човековите права пред 75 години.

Тоа е неделиво од сите останати човекови права, како што се вели во Член 30 од Декларацијата:

„Ниедна одредба од оваа Декларација не може да се толкува, како да и дава какво и да е право на некоја држава, групација или поединец да дејствуваат или да сторат некој акт со цел за рушење на правата или слободите предвидени со оваа Декларација“.

Значи, ова право е подеднакво важно како и правото на живот, достоинство, еднаквост, правда…
Нема држава во светот за која може да се каже дека е демократска, ако во неа се загрозени слободата на изразувањето и медиумските слободи. Безброј пати е повторено и треба да се повторува: Нема демократија без слободни медиуми. Земја без слободно изразување на мислата и ставовите на луѓето и нивно објавување во медиумите без последици од центрите на политичка или финансиска моќ – не е демократска.

Нема поединец или заедница, ниту народ и нација, кои можат да се надеваат на слобода, демократија, напредок во било која смисла на зборот – ако немаат интелектуалци, експерти, авторки и автори од најразлични области, новинарки и новинари, кои можат слободно да се изразуваат и своите ставови да ги пласираат во медиумите.

Затоа, пропагандата на антидемократските центри на моќта ги имаат медиумите на првите 100 места од својата листа на цели за инфилтрирање, заробување и уништување. Медиумите се место за информирање и општествена дебата, со одговорност пред јавноста и општеството во целост.
За жал, медиумите се исто така местото од каде што се дистрибуираат дезинформациите и пропагандата на радикалните, антидемократските и милитантните структури и инсталации во една земја. Затоа, секој ден и секоја минута, медиумите се во непрекината битка со пропагандните операции, но и со наивноста и недоволната (медиумска) писменост на луѓето.

Таа битка е и внатрешна, во самите редакции, но и во секој поединец кој работи во тие редакции. Тоа е битка на фактите и прогресивната мисла против незнаењето, примордијалните емоции, лагите и манипулациите.

Дали во една земја има слобода на изразувањето, најлесно може да се види за време на изборните процеси. Граѓанките и граѓаните на една земја не можат да гласаат слободно, без да имаат медиуми кои ќе им овозможат точна и навремена информација, без примеси на пропаганда и притисок од било кој вид.
Многу е едноставно: Луѓето не можат да живеат нормално без слободни медиуми. Слободните медиуми се услов за мир и ненасилно решавање на конфликти, преку дијалог и јавна дебата. Тие се услов за развој на демократијата, стабилноста и развојот на една земја.

(Авторот е активист за човекови права)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот