Славјанка Петровска до Комисијата за заштита од дискриминација: Гордана Димитриеска Кочоска ме дискриминираше врз основа на брачна и семејна состојба

Пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација денеска поднела претставка во која наведува дека министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска ја дискриминирала по основ на нејзината брачна и семејна состојба и тоа продолжено, а не само еднократно. „Слободен печат“ дојде до претставката во која најнапред се наведува дека улога на избраните пратеници во Собранието согласно Уставот е меѓу другото да вршат политичка контрола и надзор врз владата, што била и причината на седница во Собранието таа да ѝ постави пратеничко прашање на министерката Гордана Димитриеска Кочоска после што, според наводите во претставката, следувала и дискриминацијата од нејзина страна кон Петровска. Во претставката освен она што јавноста можеше да го види на собраниската говорница, се наведува и дека на 2 март во интервју на „Сител“ на прашањето на новинарот „министерке, после толку бурни реакции од јавноста, нели чувствувате потреба да им се извините на сите оние коишто од било која причина се почувствувале навредени од Вашата изјава?“, министерката одговорила:

Би се извинила кога би направила навреда. Во конкретната ситуација навреда немало. За да се извини човек, треба прво да се преиспита што кажал. Кој треба да се извини? Жената која што исто така макотрпно се борела да ги роди своите деца? Жената што ги поминала тие тешки патишта?

Според Петровска, оваа изјава само ја потврдува првичната изјава на министерката за финансии.

Оваа изјава само ја потврдува нејзината првична изјава со која започнува да ме дискриминира, но овој пат повикана да се извини на сите засегнати таа се прашува зарем жената што родила треба да се извини, ставајќи ги во подредена положба сите жени кои немаат родено деца и кои не се оствариле како мајки. Таа смета дека само затоа што родила има имунитет и не чувствува потреба да се извини. Со ваквата изјава таа повторно го повредува Уставот, кој гарантира еднаквост на сите граѓани и забранува било каков вид на дискриминација. Ваквите изјави и однесувања на министерката за финансии се вознемирувачки и предизвикуваат бројни непријатности за мене, но и за многу жени, но и мажи кои не го прифаќаат и одобруваат ваквото против уставно однесување и вршење дискриминација.

Република Северна Македонија е слободна и демократска држава во која општеството е мултиетничко, мултиконфесионално и постојат бројни различности кои се основа за меѓусебно почитување и разбирање и градење заедничка иднина. Застапување на вакви дискриминаторски ставови, особено од носител на јавна функција негативно ќе се одразат токму врз кохезивноста и хармонијата која граѓаните ја создаваат и започнуваат да предизвикуваат и говор на омраза. Оттука, барам Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да изврши увид во оваа претставка и постапувајќи со своите надлежности да утврди постоење на дискриминација, бара Петровска во претставката.

Во текстот се додава дека министерката кон пратеничката одговорила со понижување и извршила дискриминација по основ на брачен и семеен статус.

При одговорот на прашањето упатено до Министерката за финансии ми беше одговорено со понижување и беше извршена дискриминација по основ на брачен и семеен статус, наведува Петровска во претставката. 

Во претставката Петровска тврди дека министерката за финансии покажала непочитување на Уставот велејќи дека не може да ја нарече почитувана ако не ја заслужи нејзината почит прво.

Министерката за финансии не се обраќа кон познаник, пријател или колега, туку кон пратеник чија обврска е да врши контрола и надзор над Владата, чиј избран функционер е таа, па оттука таа има обврска да ја почитува уставната положба на Собранието. Понатаму, таа вели: И, прво ќе ве прашам врз основа на што ви ги ставате во уста мајките кои што имаат деца и како вие знаете едно повеќечлено семејство колку треба да троши. Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство. И додава: Во однос на грашокот, и јас сакам да купам од конзерва ама не сум сама, четиричлени сме. Со овие зборови, таа изврши дискриминација и се обиде да го ограничи моето право на говор, сметајќи ме за неподобна да поставувам прашања кои се однесуваат на животниот стандард на повеќечлено семејство и мајките со деца, само затоа што јас не сум мајка, немам деца и живеам сама.

Со овие зборови таа изврши навреда и дискриминација и врз илјадници жени во нашата држава кои од свои лични причини немаат децца или одлучиле да немаат деца, но тоа не значи дека тие немаат право да зборуваат за животниот стандард, грижата за деца, нивно воспитување, нивното здравје.  Оваа нејзина изјава предизвика лавина на негативни коментари и осуда, како и барање таа да се извини за овој дискриминаторски однос кон пратеничката и кон граѓаните. Но, наместо покајување и извинување, министерката изјави: „За мене темата е затворена“ и „ таа самата го знае тоа, но, вака ѝ чини сега да изигрува жртва.“, пишува во претставката.

 

Прашањето што Петровска ѝ го постави на министерката за финансии гласи:

„Моето второ пратеничко прашање е до министерката за финансии. Ја гледам, тука е. Министерке, пред една недела имавте за мене нелогична изјава, кога рековте дека, за вас не може да биде логично да купуваш грашок од конзерва или дека едно четиричлено семејство треба да консумира во текот на еден месеци 13 литри млеко. Така го потенциравте. За цената на таблата јајца не коментирам, можеби имате некој попуст за редовност. Но, не сакам оваа дебата со вас апсолутно да ја сведам на тоа, што значи грашокот од конзерва, споделување на рецепти и така натаму, ама следен пат кога ќе одите во маркет, а рековте дека одите често, било кој маркет, земете и споредете времена готвење на тој грашок од конзерва кој што за вас е нелогичен и на оној другиот. Тогаш можеби на вас не ви е важно, ама за едно просечно македонско семејство е важно колку време ќе биде вклучен шпоретот, дали 10, 15, 20, 30 минути и така натаму. Подеднакво важно, како што за една мајка е важно дали ќе може во текот на цел месец на своите деца да им дава по една чаша млеко, затоа што ако ја направиме логиката која што вие ја наметнавте за четиричлено семејство, тогаш ќе видите дека 13 литри млеко не се доволни, освен ако не го заменувате со бадемово или некое друго. Моето прашање до вас е следно. Наместо да ни држите лекции за домаќинско пазарење, не е лошо да го чуеме вашиот став, тоа е впрочем и моето прашање, за намалување на патните трошоци на пратениците и зошто ВМРО ДПМНЕ, како политичка партија не ги поддржа.

Петровска во претставката до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација наведува дека прашањето го поставила извршувајќи ја нејзината уставна и законска обврска да поставува прашања кои се од интерес на граѓаните и нивната иднина.

На ова прашање, министерката за финансии го даде следниот одговор:

Пратеничке Славјанка Петровска, не можам да кажам почитувана затоа што, да кажам почитувана треба да ја заслужите мојата почит прво. Второ, не очекував од жена која што јавно ја бранев во ситуации кога зборуваа дека пиела дијазепами, вадеа лекарски решенија и што уште не. Очекував минимум почит. Тој минимум почит требаше да значи дека нема да спинувате, нема да вадите од контекст зборови туку директно ќе ми го поставите прашањето. Е, бидејќи се однесувате така како што се однесувате значи од овој момент ни таа минимум почит ја немам. И, прво ќе ве прашам врз основа на што ви ги ставате во уста мајките кои што имаат деца и како вие знаете едно повеќечлено семејство колку треба да троши. Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство. И, чисто вака да ви укажам да проверите на Државниот завод за статистика согласно последниот попис кој вие го направивте а не ние. Во Македонија просечно е тричлено семејство а не четири, моето е четиричлено семејство. Во однос на грашокот, и јас сакам да купам од конзерва ама не сум сама, четиричлени сме па мораме да одиме во еден од најевтините маркети и да купиме замрзнат грашок и тоа беше коментарот а не да купуваме грашоци кои што се поскапи од 100,00 денари во иста грамажа како и ониe замрзнатите кои што се многу помалку од тие 100,00 денари. Истото значи беше искоментирано и во однос на литрите млеко. Некое семејство може троши и 18 литри млеко но меѓутоа има и такво кое што не пие. Бадемовото вас ќе ви го оставам, вас ви треба, не на мене. Во однос на патните трошоци ќе кажам дека патните трошоци колку што знам се исти за сите пратеници тука. Достоинството на пратеникот треба да биде пред се. Јас друго би прашала. Што правиме со колективниот договор кој што го донесовте во средства избори, незаконски. И, согласно со кој што сега мора да постапуваме, каде што во Министерство за одбрана, не војниците потенцирам, не војниците кои што треба да имаат и повисоки плати и подостоинствен живот. Зборувам за администрацијата, имаат три пати повисоки плати во однос на сите останати, до вас е Тренчевска и ете таа го остави министерството со никакви плати во однос на вас.
Правникот во одбрана и правникот во Министерство за труд и социјална политика, е сега да завршам со еден многу битен и важен момент. Инфлацијата во ваше време на храната стигна и над 30%, ако не знаете како да најде на Државниот завод за статистика јас ќе ви извадам податоци. А, денес инфлацијата е многу пониска и од 3% на храната. Така што, ве замолувам првин да ги читате работите убаво а потоа да дискутирате. Разбирам дека во континуитет сакате да ги правите работите надвор од контекст, да правите тензија меѓу граѓаните но фактите излегуваат од страна на сериозни институции кои што имаат обврска тоа да го објавуваат. Вие може овде да зборувате колку сакате, податоците говорат нешто сосем, сосем друго. Така што, мислам дека најмалку од сите имате право да коментирате и за трошоци и за патни трошоци каде што пак ќе потенцирам. Администрацијата ја ставивте на исто ниво во Министерство за одбрана со пратениците, сметам дека не треба да биде така. А, ве повикувам дајте издржан, конструктивен предлог со кој што нема да се наруши интегритетот и достоинството на пратениците и нема никаков проблем претпоставувам дека пратениците на крајот вие овде носите одлуки, не ги носам јас. Ако дојде редот да биде ова најголемиот проблем, ќе го решиме. Но, јас не знам што да правам со другите проблеми кои што ги оставивте а ги има стотици илјади. Почнувајќи од тоа што ви го кажав во рамки на вашето Министерство и Бога ми јас би била загрижена за да сум на ваше место затоа што, го оставив во министерството и што може да следи од колку да се расправам за патните трошоци на пратениците. Благодарам.

Подоцна министерката за финансии го прогласи ова прашање за затворено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот