
Славески: Од утре поевтинуваат плаќањата во евра
а 6 март годинава Европскиот совет за плаќања ја прифати апликацијата на нашата земја, со што станавме членка на СЕПА
Од утре земјава и практично станува дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат плаќања во евра на ист начин како и во земјите од Европската Унија.
Препорачано
– Од 7 октомври, плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) ќе бидат околу шестпати поевтини и побрзи! Плаќање од 500 евра кое досега чинеше околу 1.600 денари, од денес ќе чини околу 260 денари. СЕПА значи побрзи, поевтини и посигурни плаќања во евра за граѓаните и компаниите – напиша гувернерот на Народната банка Трајко Славески на платформата „Х“.
На 6 март годинава Европскиот совет за плаќања ја прифати апликацијата на нашата земја, со што станавме членка на СЕПА, со што им се овозможува приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 40 земји членки.
СЕПА е иницијатива на Европската Унија што започна да се реализира во 2008 година со цел поедноставување на плаќањата во новата заедничка валута – евро, односно зголемување на ефикасноста и воедначување на условите за извршување на националните и прекуграничните плаќања преку интегрирање на тогаш фрагментираните национални пазари во единствен домашен пазар за плаќања во евра.
Членството во СЕПА се смета за начин да се забрза економската интеграција на регионот на единствениот европски пазар пред да стане дел од Унијата и значително да ги намали трошоците за трансакциите и во регионот и со ЕУ.
Како што посочува Европската централна банка на нејзината интернет-страница благодарение на СЕПА клиентите можат да вршат безготовински плаќања во евра – преку кредитен трансфер и директно задолжување – до каде било во Европската Унија, како и до голем број земји што не се членки на ЕУ, на брз, безбеден и ефикасен начин, практично исто како и националните плаќања.
Од ЕЦБ нагласуваат дека интеграцијата на плаќањата поттикната од СЕПА придонесе за ефикасноста и конкурентноста на европската економија како целина преку елиминирање на разликите помеѓу националните и прекуграничните плаќања преку усогласување на стандардите во сите земји учеснички.
СЕПА беше лансирана од европската банкарска и платежна индустрија со поддршка на националните влади, Европската комисија, Евросистемот и други јавни власти. Бидејќи СЕПА не само што го усогласи начинот на кој се вршат безготовинските плаќања во евра, туку и го заврши воведувањето на еврото како единствена валута, Евросистемот имаше многу силен интерес за успехот на проектот СЕПА.