проф.д-р Огнен Марина/ фото: Слободен печат

Скопје се менува

Замислете град што не се брани само со ѕидови, туку со знаење и технологија, односно со систем што постојано учи, предвидува и се адаптира. Наместо статични планови, градот треба да гради адаптивни одговори на ризиците.

„Зборува Радио Скопје, ви се јавуваме од импровизираното студио со својата прва емисија по катастрофалниот земјотрес што утринава на 26 јули во 5.17 го снајде нашиот град“. Ова се првите зборови на Радио Скопје, кои по прекинот на програмата, прозвучеа во етерот на Скопје по земјотресот. Овие неколку зборови говорат за катастрофата што го измени ликот на градот во неколку секунди, но истовремено зборуваат и за отпорноста на градот и неговите жители.

Животот во град е колективен договор со кој се согласуваме да ја споделуваме заедничката судбина на градот. Тоа е договор со кој ги користиме улиците, зградите, воздухот, водата и јавните служби со доверба, дека ќе функционираат, особено во најтешки денови. Затоа, потребен ни е безбеден и отпорен град, односно урбана средина што ги предвидува ризиците, ги намалува штетите и брзо закрепнува по несреќите. Оттука, шестото прашање за идниот градоначалник на Скопје е: „Како ќе го заштитите Скопје од земјотрес, поплави, топлотни бранови и суши, создавајќи притоа безбедни и отпорни на ризици градски простори и институции?“.

Во историјата, но и иднината на секој град не постои дилемата дали ќе се случат идните земјотреси, поплави, топлотни бранови, пожари или современи сајбер-инциденти. Вистинското прашање е, колку подготвени ќе нè затекнат. Отпорниот град ги штити животите и здравјето на граѓаните, ја обезбедува критичната инфраструктура како вода, струја, здравство, ИКТ, и ја штеди јавната каса преку превенција која чини помалку од реконструкција. Тој град е истовремено и правичен, бидејќи ги штити најранливите категории граѓани, ја намалува нееднаквоста и ја зајакнува довербата помеѓу институциите и граѓаните. Притоа, безбедноста не е кочница на развојот – напротив, таа е негов темел, односно услов за да можеме да се движиме напред. Затоа, изборот да живееме во град кој се менува и е отпорен на ризици е одлука за достоинствен живот и стабилна иднина.

Во грчките градови-држави, урбанизмот и институциите биле првата линија на одбрана во справувањето со ризиците. Во Атина, ортогоналниот систем на улици овозможувал создавање на пожарни бариери и полесно движење на луѓе при итни случаи. Заедно со јавните фонтани и изградените канали за одведување на водата го намалувале ризикот од поплави и појава на болести. Античкиот Рим ги надградува овие практики и правила за справување со ризици во развиен институционален систем управуван од државата. По честите пожари, императорот Август ќе воспостави Vigiles – професионална противпожарна гарда и ќе пропише регулативи за материјалите и висината на зградите во градот со цел да се намали опасноста од пожар и евентуално колапс на објектите.

Античките градови се справувале со повеќекратни ризици преку институционална одговорност, јасни јавни институции и урбан дизајн што го ограничува ширењето на катастрофи. Тоа е суштината и на современата идеја за „критична инфраструктура“ каде интеграцијата на безбедност на вода, храна, енергија, здравје, транспорт и комуникации, поддржана со правила, институции и одржување се суштински за отпорноста на градовите.

Скопје е град со висок степен на различни видови ризик. Најпрвин, тој е град со висок ризик од сеизмички настани кои, како што потврдува блиското минато, можат да бидат со катастрофални последици. Научните и инженерски проценки за Скопје го идентификуваат земјотресот како ризик број еден за настан со човечки жртви и тешки инфраструктурни оштетувања. Втор системски предизвик се водните ризици и поплавите од најразличен вид. Понатаму, климатските екстреми се во пораст, а појавата на т.н. топлотни бранови, суши, бури и шумски пожари, се настани кои се дел од секојдневието на градот. За жал, сведоци сме и на разорноста на технолошко-индустриските ризици, како хемиски инциденти, пожар, неконтролирано депонирање на отпад и слично, кои се дел од комплексните и најчесто комбинираните ризици.

Како резултат на сите овие ризици, појавата на секундарните настани или т.н. каскадни настани кои произлегуваат еден од друг, можат да имаат дури и поголема разорна моќ и од самиот катастрофален настан. Така, деградацијата на земјиштето и ерозија кои се поврзани со дефорестацијата и хидрометеоролошки настани, можат да имаат разорно влијание врз безбедноста на населби и транспортните коридори. Таков случај беше поплавата во Стајковци на 6 август, 2016 година, кога од буична поплава загинаа 22 лица, 70 беа повредени и повеќе од 1.000 жители беа евакуирани. Последиците од таа поплава жителите на тој дел од градот ги чувствуваат до ден денес. Појавата на пожарите во дивите депонии истовремено го загрозува животот на граѓаните низ деструктивната моќ на пожарот, но и со екстремното загадување на воздухот, почвата и подземните води како резултат на пожарот.

Што можеме да сториме денес и кои се начините за справување со ризиците во градовите врз основа на современите научни сознанија? Замислете град што не се брани само со ѕидови, туку со знаење и технологија, односно со систем што постојано учи, предвидува и се адаптира. Современите пристапи кон ризиците почнуваат со идејата дека градот е систем-на-системи составен од енергија, вода, здравство, ИКТ и транспорт. Во овој исклучително комплексен систем, деловите се меѓузависни, па затоа и решенијата мора да се вмрежени и координирани. Наместо статични планови, градот треба да гради адаптивни одговори на ризиците. Тоа се планови со јасни показатели кога одредена мерка треба да се примени, да се измени или да се откаже. Целта на овој пристап не е совршена заштита, туку безбедно управување со настаните. Природно базираните решенија стануваат инфраструктура од прв ред, како на пример зелено-сини коридори, кои истовремено го намалуваат ризикот од поплави и топлотните бранови. Технолошки, градовите воведуваат дигитални близнаци, системи за рано предупредување и модуларни, децентрализирани мрежи (локални резервоари за вода, резервни ИКТ-центри и слично). Ова создава критични резерви без скапи мегапроекти и овозможува локален континуитет дури и кога централниот систем ќе колабира. Конечно, управувањето со ризици претставува и континуиран процес на учење и развој каде после секоја криза следуваат ревизии и мониторинг, процес што ја зголемува довербата во институциите, а го намалува идниот ризик. Така, градот кој се менува не е само поотпорен, туку тој станува подобро место за живеење, подеднакво заштитувајќи ги животите на неговите граѓани, економијата и урбаниот развој.

Но, кога говориме за ризиците на урбаното живеење, не можеме да не го споменеме можеби најважно прашање во современиот свет. На граѓаните, во случај на природна или од човечки фактор предизвикана непогода, пред сѐ им требаат информации во реално време. Секој е заинтересиран да знае како да ги заштитиме нашите најблиски, како различните ризици ќе се одразат на местото на живеење? Информациите дали зградата во која живеат е сеизмички ранлива, дали соседство е во плавна зона, каде е најблиската болница или патека за евакуација, како и брзи и јасни системи за предупредување, можат да направат суштинска разлика во кризни ситуации. Граѓаните не се заинтересирани само дали инфраструктурата е безбедна или не, туку сакаат да знаат и кои улици, мостови, училишта и болници се безбедни и колку брзо ќе се врати струјата и водата по прекинот. Тие очекуваат план за постапување и справување со закани од земјотрес, безбедни рути за евакуација или постапка при хемиски инцидент. Ако градот обезбеди јасни и навремени информации, со јасни протоколи и правила за реагирање во случај на несреќа, со јасна одговорност на институциите и граѓаните, довербата ќе стане нашата најсилна одбранбена линија, а отпорноста, дел од нашето секојдневието.

Еден од водечките научници за справување со феноменот на климатските промени, Ричард Досон, парафразирајки го Чарлс Дарвин, ќе каже: „Нема да опстанат најсилните градови, туку оние што најдобро ќе се приспособат на промените“. За нас, граѓаните на Скопје, оваа препорака е особено важна, бидејќи ние секојдневно ја споделуваме судбината на нашиот град. Затоа, важно е Скопје да се менува и да се прилагодува на современите предизвици, за конечно да можеме сами да ја кроиме нашата заедничка судбина.

(Авторот е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во Скопје)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот