Базен Плаја Виста / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Скопје кубури со базени за летно „разладување“

Фактот дека бројот на јавните базени што не работат го надминува бројот на оние функционалните, не им остава друга опција на граѓаните освен „чарето“ да си го наоѓаат во приградските населби каде што базените на отворено се најчесто дел од ресторани и хотели, или пак, една од најатрактивните дестинации за скопјани е градот Велес, каде што има неколку функционални базени што во изминативе години се летна туристичка атракција.

Со почетокот на летната сезона и високите температури во главниот град, сè поактуелен начин за рекреација и освежување на граѓаните се базените сместени на неколку локации низ градот и предградието, но поголемиот дел од нив не работат со години, со што опциите на скопјани за летно „разладување“ се апсолутно ограничени на мал број отворени базени.

Со идентичен проблем се соочуваат и оние што пливањето го третираат како спорт со кој посериозно се занимаваат, а ситуацијата е загрижувачка бидејќи бројот на функционалните јавни базени со олимписки димензии е сведен на минимум, со оглед дека Скопје во моментов располага само со два затворени пливачки базени од кои едниот не е во функција.

Базен - Карпош - Спортски центар Борис Трајковски - Фото - Слободен печат / Методи Здравев
Базен – Карпош – Спортски центар Борис Трајковски – Фото – Слободен печат / Методи Здравев

Само базенот во Центар остана „здрав“

Еден од овие базени е олимпискиот базен „Центар“ што ви изминатиот период не бил изложен на посериозни реновирања и постојано бил достапен за граѓаните, а вториот е пливачкиот базен при СЦ „Борис Трајковски“, кој во изминатава година се соочи со голем број инфраструктурни проблеми и неколку привремени затворања за што претходно пишуваше „Слободен печат“. Инаку, овој базен е сѐ уште затворен за пливачите.

Објектот пред извесно време се соочи со проблеми во конструкцијата на покривот, кога рапидно почнаа да се шират информации дека е паднат покривот, но кои кратко подоцна беа демантирани од управата на спортскиот центар.

Базенот „Карпош“ затворен на најмалку еден месец, 30 пливачки клубови „на суво“

Сепак, тогаш „Слободен печат“ отиде на терен и разговараше со директорот Данијел Апостолоски, кој соопшти дека базенот нема да работи поради санирање на внатрешниот дел од покривот, со цел максимална заштита на пливачите што го користат базенот, а воедно најави и голем проект кој доколку помине на Влада, предвидува реновирање на целиот покрив, на двете нивоа под базенот, на тоалетите, на базенот и на сите други делови што ги користат посетителите.

– Планираме сериозен проект по завршувањето на летната сезона, но сега сме фокусирани на решавање на овој проблем. Во комуникација сме со Владата и оттаму засега има слух и поддршка, бидејќи ние како установа немаме доволно средства за целосно да покриеме проект од таков размер – ни изјави директорот.

Ова сериозно реновирање што би требало да започне по завршувањето на летната сезона, значи дека од октомври или ноември базенот би бил затворен на неопределено време за користење на пливачите, кое може да трае со месеци.

Олимписки базен „Центар“ / Фото: Национална пливачка федерација

Со оглед дека базенот „Карпош“ во моментов не работи, а недостапен е и нивниот телефонски број за контакт преку кој граѓаните би добиле информација до кога базенот ќе биде надвор од функција, пливачите оттаму немаат многу опции освен да си ја пробаат среќата со слободни термини на „Олимписки“.

Од олимпискиот базен „Центар“ за „Слободен печат“ потврдија дека базенот е во целосен работен погон, со постојано филтрирање на водата и неделни проверки на физичката, хемиската и бактериолошка исправност од Центарот за јавно здравје „Скопје“.

– Водата се филтрира 24/7, хлорирањето оди електронски, редовно се прави дотур на свежа вода, а базенските подови се чистат со специјализирани подводни роботи односно правиме сѐ за нашите посетители да имаат одлично искуство. Олимпискиот базен „Центар“ е веројатно и единствен базен во кој контролата за физичката, хемиската и бактериолошка исправност се прави на седмично ниво од Центарот за јавно здравје „Скопје“, велат од Олимпискиот базен „Центар“ за „Слободен печат“.

Оттаму додаваат дека базенот непрекинато ќе работи во текот на целата летна сезона, со исклучок на една недела во јули, поточно од 20 до 26 јули, поради одржување на Европските младински олимписки игри на кои годинава домаќин е токму Скопје.

– Базенот ќе работи во текот на целото лето, а како што знаете, нашиот град годинава е домаќин на Европските младински олимписки игри (EYOF 2025) во организација на Македонскиот олимписки комитет па така пливањето од 20.07 до 26.07.2025 ќе се одржува на Олимпискиот базен „Центар“ и во тој период базенот ќе биде целосно наменет за овој настан – информираат од „Олимписки“.

Од затворените базени исто така достапен е и базенот „Скај велнес“ при станбениот комплекс „Џевахир скај сити“, кој е приватна сопственост, но сепак има отворени термини за граѓанитe што сакаат да се рекреираат, а во овој базен активно се држат и часови по пливање за помладите пливачи. Сепак, овој базен не може да ги исполни потребите на посериозните пливачи, земајќи предвид дека е дел од спа и фитнес центар, кој дополнително го користат и дел од жителите на четирите кули при комплексот.

Јавните базени не работат

Од Општина Кисела Вода, пак, најавија нов затворен базен со олимписки димензии при основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“, проект организиран и поддржан од Министерството за спорт, со кој општината повторно ќе има базен, откако базенот „Расадник“ не е во функција за летната сезона.

Базен во Кисела Вода е/ Фото: Општина Кисела Вода

Со отворањето на овој базен би се отвориле повеќе термини и би се збогатиле опциите, особено за најмладите пливачи, ако се земе предвид дека поради затворањето на базенот „Карпош“ и нивниот телефонски број не работи, веројатно термините на „Олимписки“ се пренатрупани поради огромниот број корисници, бидејќи е единствениот базен на затворено во градот.

Базенот во Кисела Вода е предвидено да биде од затворен карактер, со должина од 25 метри, ширина од 9 метри и длабочина од 1,2 метри, т.е. 0,8 метри во останатиот дел. Со оглед на длабочината, на овој базен најмногу ќе му се „израдуваат“ најмладите пливачи.

Според Општината и Министерството за спорт, базенот требаше веќе да биде пуштен во употреба во мај, но проектот сѐ уште не е завршен.

До крајот на мај Кисела Вода ќе добие затворен пливачки базен

Засега сѐ уште не е пуштен во употреба и базенот „Бисер“ во Аеродром, кој последен пат беше реновиран во 2013 година и оттогаш работи секоја летна сезона. Оттаму нема информација зошто сè уште е затворен, бидејќи летната сезона е започната, а температурите веќе неколку недели се превисоки. И таму контакт телефонот не функционира.

Одредена активност на оваа тема последниов период пројавија и од Општина Сарај, кои го дадоа под 25-годишен закуп отворениот базен што со години се распаѓаше. Сега на оваа локација има градежни активности, што значи дека градот, покрај базенот „Бисер“ во Аеродром, би добил уште еден базен за летната сезона, кој би бил од отворен карактер и ограничено користење само за летното „разладување“.

Базен во Сарај / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Како што пишуваа дел од медиумите, од Општина Сарај потврдиле дека закупецот „Дуту – Аква ресторан“ се надева оти базенот ќе биде обновен и ќе биде пуштен во функција оваа летна сезона, неофицијално за еден месец.

Според локалната самоуправа, базенот е даден под закуп на 25 години, со тоа што закупецот има обврска за две години од денот на склучување на договорот да го доведе во функционална состојба и да го пушти во употреба. По две години, „Дуту – Аква ресторан“ ДООЕЛ, Крушопек, Скопје, ќе плаќа по 800 евра месечно.

Базен Плаја Виста / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Исто така, во близина на кејот на Вардар во градскиот центар со години непроменет и руиниран „зјае“ базенот „Плаја виста“, локација што во изминатите години помина низ голем број закупи, концесии и цесии, но ниту една од нив не доведе до целосна реставрација на целиот простор, вклучувајќи го и отворениот базен, со што местото повторно остана запуштено.

Конечно, фактот дека бројот на јавните базени што не работат го надминува бројот на оние функционалните, не им остава друга опција на граѓаните освен „чарето“ да си го наоѓаат во приградските населби каде што базените на отворено се најчесто дел од ресторани и хотели. Една од најатрактивните дестинации за скопјани е Велес, каде што има неколку функционални базени, кои во изминативе години се летна туристичка атракција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот