Биљана Секуловска / Фото: Архива на Слободен печат

Скопје, кое радост допрва ќе стане

Радосни вести стигнуваат од Владата, особено пред локалните избори, кога борбата за секој глас се заострува и затегнува, како да се на тенка жица на која едвај се придржуваат довчерашните заспани во неспособноста и незаинтересираноста. Сега тие се будат во паника за најавените милијарди за кои сите молчат и се прават политички мртви, во страв дека ќе мора да дојде денот кога најавените успеси и подвизи на испорачана благосостојба ќе се покажат како едно големо, огромно тажно ништо. Затоа, спасоносната идеја за замачкување на големите ништа ја соопшти министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој вели дека „Владата ќе отвори ресурсен центар што ќе им помага на општините да изработуваат проекти и да аплицираат за добивање средства за развој на општината. Општините немаат капацитети за подготовка на проекти преку кои ќе привлекуваат средства во своите општини“.

Неверојатно чесно признание на Перински за немање капацитет на луѓето што се избрани и раководат со општините, како и на таа силна по број администрација, но потоната во сопствените перформанси како обична, округла нула, практично непостоечка во апсолутната неспособност. Не, немојте така лесно да ја потценувате таа мастадонска армија на чиновници, сепак нивната моќ и сила низ деценииве ја запусти доволно државава. Истата таа неспособна бирократска војска што Перински го иритира до експлозија на нервите, сепак е прилично способна и вешта во апсолутна ерозија на секое камче и дрвце кое им се испречило на патот. Затоа и истата таа администрација со гордост ни покажува како е прилично квалификувана кога се уништуваат паркови и зеленила, се корнат дрвја и цветови низ секој можен дел од главниот град, удиран и камшикуван доволно долго, додека не потонеме целосно во бетонизацијата на Скопје.

Додека не нѐ цементираат и нас во дивоградбите, како последните преживеани на сите следни земјотреси после катастрофалниот во 1963 година. Податни сме за елиминација токму од сериозно способните и компетентни за создавање на една голема депонија од овој град, во кој луѓето што ги водат општините го диригираат хорот што пее за хоророт што тој го создал и го негува. Како Перински и целата Влада со нова војска на бирократи замислува да ја промени оваа култура на креирање на најтажните пискотници на граѓаните? Така што ќе ги остават сепак да продолжат да придонесуваат оние неспособни и без дилема корумпирани, за кои тој како министер за локална самоуправа го крева гласот и протестира, а во меѓувреме ќе довезат со златни кочии нова генерација експерти, родени во некои други околности и времиња.

Тие веројатно се создадени по пат на вештачка интелигенција, во специјални капсули произведени да изрипаат од компјутерите директно во нови фотелји со титули на стручњаци, достојни за почит, наспроти досегашните, за презир. Пародијата продолжува, затоа што само за тоа капацитетот не попушта, пријатели драги, граѓани на ова утепано од сите страни Скопје, кое никогаш радост не стана.

25 минути

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!