
Скандалозно: Центарот за социјални работи-Скопје одбил туѓа нега за Суарет Алишан, кој е 99 проценти слеп
Центарот за социјални работи во Карпош, го одбил за надомест за нега од друго лице Суарет Алишан, човек кој е 99 проценти слеп од своето раѓање. Алишан за „Слободен печат“ вели дека ќе ја тужи државата и додава дека понижувањето пред институциите е скандалозно и нечовечно доживување. Тој вели дека 14 месеци е без месечниот надомест што претходно го добивал и изнесувал 4500 денари месечно.
Препорачано
Неговата матична лекарка се обидувала да му закаже термин, меѓутоа комисиите во текот на пандемијата не работеле, па така ниту документацијата дека е слеп не можело да се прикачи во системот. Алишан е револтиран и затоа што за состојба која што е вродена и која никогаш нема да се промени, тој секои две години мора да ги поминува непријатните административни лавиринти, иако во институциите за него имаат цело досие, во кое се наоѓаат сите документи.
– Без никакво образложение ми ја прекинаа негата. Комисијата во ек на пандемија не работеше. Барањето го поднесов на 20 март 2020 година. Петнаесет месеци сум без негата. Кога дојде време да ги ослободат термините, матичната лекарка ги извади листите колку пати има таа аплицирано за термин. Онлајн термините не можеа да се закажат и затоа матичната лекарка не може да ги закачи моите документи, за да онлајн комисијата го изработи мојот предмет. За жал, ова кулминираше вчера со решение со нереална дата. Кога бев да го земам решението не беше ни искуцано. Го почекав и го земав и на него пишува дека барањето ми се одбива поради нецелосна документација. Ова е можеби прво и единствено вакво срамно решение кое го изрекува центар за социјални работи. Јас сум дете без родители, знаат дека сум цел живот без родители и со вродена состојба слепост и ова ми го направија. Претходно добивав додаток две години, во претходното решение стоеше дека до 20 март 2020 ми трае додатокот. И пред да ми заврши, навремено појдов преку „Мој термин“ да поднесам ново барање и нив им требаше повеќе од година дена да ми кажат дека не ми била потполна документацијата. А за време на пандемијата немаше комисии, односно тие не работеа. Во наодот ми пишува дека имам трајна вродена состојба и тие сакаат секои две години да поднесувам ново и ново барање, иако мојата состојба со видот нема да се промени никогаш. Кога ме одби, службеничката цинично ми рече дека не можат случајот да го држат отворен пет години. Ова е катастрофа и нарушување на мојот интегритет и подигрување со мојата попреченост, изјави револтираниот Алишан за „Слободен печат“.
Центарот за социјална работа го одбил Алишан затоа што не приложил упат за закажан термин за стручна комисија за помош и нега од друго лице, а согласно тоа не бил добиен наод, оценка и мислење за потреба и помош од друго лице што е неопходен услов за остварување на правото. Раководителката Бети Јошевска го потпишала ова решение на 27 мај годинава, иако Алишан тврди дека барањето го поднел во март 2020 година, односно година и два месеци чекал да одлучат по неговото барање.
Алишан поседува наод за видот и степенот на попреченост во физичкиот или психичкиот развој и специфичните потреби. Во наодот потпишан од офтамолог, педијатар и психолог наведено е дека тој спаѓа во категоријата слепи лица, со видна функција намалена за 99 проценти.
,,Лицето да оствари право на социјална помош и посебен додаток согласно правилникот за специфичните потреби на лице со пречки во видот”, стои во овој наод.
Освен овој документ, Суарет има и конзилијарно мислење каде што тројца специјалисти потврдуваат дека видната функција му е намалена за 99 проценти. Суарет е пораснат во дом за деца без родители и за него овие пари се од егзистенцијално значење.
– Како живеам само јас си знам. Од донации од луѓе кои што ми помагаат. Ама тие не можат цел живот да ми помагаат. Каде се тука трошоците за минимална закупнина, сметки, медикаменти, прашува Алишан.