Скандал на Онкологија: Медицинска сестра крадела цитостатик

Настанот се случил пред една недела, но засега е неизвесно дали ова е прв ваков обид или и досега се случувало без да биде откриено.

На Клиниката за радиотерапија и онкологија се случил скандал во кој медицинска сестра која работела во дневната амбуланта, каде пациентите добиваат терапија, била фатена како краде цитостатик. Случајот е пријавен во полиција и отворена е истрага.

Настанот се случил пред една недела. Медицинската сестра од дневната болница сакала да изнесе цитостатик кој бил наменет за некои од пациентите кои требало тој ден да примат терапија. Тој тип на цитостатикот се користи за лекување на пациенти со различни видови на малигни заболувања, меѓу кои и рак на гради.

-Ако цитостатикот бил украден тогаш сериозно прашање е што ќе му било дадено на пациентот, бидејќи терапијата се дава точно за одреден пациент со име и презиме. Прашање е и дали ова е прв пат или веќе се случувало до сега, ако веќе има информации дека лековите кои се краделе од тука се продавале на Косово – велат вработени на оваа клиника.

Тие додаваат дека за да се случи ваков скандал мора да има сериозен пропуст во организацијата на клиниката и тоа не само на дневната болница каде болните од малигни заболувања доаѓаат да ја примат терапијата, туку и воопшто во целиот систем за циркулација на лекови во установата.

Од Министерството завнатрешни работи го отврдуваат настанот.

-На 02.06.2020 година во Полициската станица Центар било пријавено дека во ЈЗУ Универзитетската Клиника за Радиотерапија и Онкологија од страна на лице вработено на клиниката било извршено кривично дело „кражба во обид“ на разни ампули. СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување на случајот – велат од МВР.

За настанот од Клиниката за онкологија и Министерството за здравство даваат заедничко соопштение во кое се вели дека се преземени сите мерки за расчистување на случајот.

„На Клиниката за радиотерапија и онкологија се случил обид за кражба од вработена во установата. Повикан е веднаш Инспектор од Полициска станица Центар. Вработената во истиот ден е суспендирана и оформена е дисциплинска комисија по закон“, се вели во одговорот.

Истрагата ќе треба да покаже дали вработената е фатена при првиот обид за кражба или тоа и досега се случувало без да биде откриено, како и тоа дали во случајот се вмешани и други вработените на клиниката кои учествувале во набавката и дистрибуцијата на лековите.
На оваа клиника во изминатиот период имаше и голем број на заболени работници од ковид-19 преку 20 што исто така се поврзува со лошата организација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот