Скандал Геријатрија: За Мухсин Арифи и негувателот што барале 100 илјади евра мито од пациентка, се бара продолжување на притворот

Поранешниот директор на Клиниката за геријатрија Мухсин Арифи кој во истрага на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е осомничен за примање 20 илјади евра поткуп за да смести немоќна 42-годишна пациентка на Геријатрија, заедно со негувателот од болницата кој му бил соработник се во притвор, но Обинителството за гонење организиран криминал ќе бара негово продолжување. Арифи и негувателот се осомничени за примање 20 илјади евра поткуп како „капар“ за да хоспитализираат неподвижна 42-годишна пациентка на Клиниката за геријатрија, иако таа ги исполнувала сите услови да биде примена беспари.

Истражната постапка во предметот е во завршна фаза, во моментов одбраната на осомничените прави увид во доказниот материјал, по што следи рокот од 15 дена за предлагање на докази од страна на обраната и донесување на јавнообвинителска одлука. Во поглед на продолжување на мерката притвор, обвинителството цени дека се уште постојат околностите поради кои истата беше определена и оправдан е стравот од бегство на осомничените во оваа фаза од постапката, па од тие причини ќе се бара нејзино продолжување за секој осомничен, одговорија од ОЈО ГОКК за „Слободен печат“.

Пред два месеци ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, од кои едното е осомничено за кривично дело примање поткуп, а другото за помагање во извршување на тоа кривично дело.

Првоосомничениот, директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, во периодот од 19 март до 8 април годинава, во неколку прилики директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морал да го изврши.

Поткупот го побарал од сведок во постапката – давател на доживотна издршка за пациентка која боледувала од повеќе состојби и на која по лекарски препораки и упатување ѝ било потребно болничко згрижување во наведената установа. Кога сведокот се обратил во установата бидејќи состојбата на пациентката се влошувала, била известена дека пациентката е на листа за чекање за прием.

По неколку дена добила повик од второосомничениот, кој ѝ закажал средба со директорот на Установата на 19.03.2025 година во вечерните часови во еден угостителски објект во Скопје.

На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка, информираше ОЈО ГОКК.

На 03.04.2025 година била реализирана средба меѓу сведокот и помагачот, како лице во кое директорот имал целосна доверба, а на 04.04.2025 година повторно сведокот се сретнал со двајцата осомничени. Конечно било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра.

Согласно овој договор, на 08.04.2025 година жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници.

ВИДЕО | Директорот на Геријатрија бил приведен во дворот, додека посредникот ги земал 20-те илјади евра мито во автомобил

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот