милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Скалпелот до коска

Болното јавно здравство покажува сериозни симптоми на ниска сатурација штом во најважниот дел од неговиот организам – хируршките клиники – недостига кислород.

Државната хирургија во моментов е на „апарати за дишење“. Работи, колку-толку, со помош на надворешни компресори за компримиран кислород.
Во хируршките сали при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ речиси еден месец се шири непријатна миризба од непознато потекло. Голем дел од салите се затворени, најитните случаи се препраќаат во „8 Септември“ и во „Св. Наум Охридски“, кои уште чекаат реализација на наредбата на Владата за префрлање на дел од медицинскиот кадар во овие болници поради удвоениот број операции.
Болното здравство покажува сериозни симптоми на ниска сатурација штом во најважниот дел од неговиот организам – хируршките клиники – недостига кислород. Пациенти земаат кредит за да се оперираат приватно, бидејќи јавното здравство смета дека нивните болки не се итни. Профитираат приватните клиники, кои иако „работат со Фондот“, не ги спуштаат цените на нивните услуги. Р.Д. (74) платил 7.000 евра за да му биде ампутиран прст во една од приватните болници. Ако ја одложел операцијата, како што му закажале во државна, можел да остане и без стапало.
Паѓаат и потпорни ѕидови покрај Клинички поради разнишаните темели на круцијален сегмент во нашето општество од кој зависи квалитетот на животот. Застарената инфраструктура пропаѓа, опремата се распаѓа… „Мој термин“ требаше да воведе ред, а направи редици. Лекарски грешки оставаат трајни последици, некогаш се и кобни, казните, пак, се условни или никакви. Митото е како „добро утро“, од сестра до хирург. Има исклучоци, но се ретки. Незадоволните лекари, дури и со значително покачени плати, бегаат од хаосот и се вработуваат во приватниот сектор, други учат германски за трајна преселба. Расте излезноста на медицинскиот кадар. Сестрите и хонорарците штрајкуваат, партиски вработените партиски активности лајкуваат.
Додека трае истрагата за злоупотреби на Онкологија и судењето на нивниот аптекар, министерот Илир Демири разрешува директори кога не смее тоа да го прави поради изборите. Пред новинарите ја фали „еднојазичната“ организациска директорка на Токсикологија, а таа потпишува решенија на хонорарци. Им требал одмор на непотребните за болницата. Антикорупциска укажува на овој криминал, поврзан со системска корупција и клиентелизам. Но таа само смее да укажува. Повеќе од тоа, се чини, не смее никој!
Обвинителството, по пријава на Министерството за здравство, отвори предмет во врска со хируршките сали, а Народниот правобранител ќе испитува дали се нарушени правата на пациентите. Како досега да не беа нарушени во земја во која нашите повозрасни болни сограѓани се третираат како „неподобни“ за болнички кревет. Во земја во која здравствени осигуреници што чесно плаќаат придонеси, мораат сами да купуваат лекови додека лежат по болници. Фондот за здравство нема пари, но има двајца директори. Со „фул-опрема“ – луксузни автомобили, возачи, секретарки, кабинети…
За мегапроектите, со кои им се полни устите во кампања, само (ќе) плаќаме пенали. Почната, а недовршена изградба на болницата во Штип. Во Кичево и не паметат кога е фрлен камен-темелникот. Клиничкиот центар во Скопје, наречен желба на повеќе министри, е дел од преговорите на сите коалициски партнери во последнава деценија и половина. Како и нема да биде, кога тежи најмалку половина милијарда евра. Но, нови болници сè уште нема, ако не ги сметаме лесно запаливите модуларни.
Големо бреме му оставаат претходниците на идниот министер за здравство Арбен Таравари. Како претседателски кандидат собра речиси 80 илјади гласа. Кус период беше министер и е запознаен со проблемите. Неврологот ужива голем углед кај пациентите, но министерувањето е, пред сè, менаџмент и умешност на добро „пливање“ во немирните владини политики. Особено што здравството се уништува системски и хируршки прецизно. Затоа насекаде прилично смрди, не само во салите.
Непријатната миризба е од познато потекло – од кујните на партиско-бизнис лоби групите. Тие решаваат за скапи тендери, за увоз на лекови, за изградба на инфраструктура, за одржувањето на опремата, дури и за вработување кадар и именување директори на болници. Стручњаците намерно се држат настрана. Се раскинуваат договорите со претходните фирми за зделката да ја лапне новоформирана, иден спонзор на партијата. Без оглед колку таа е докажана во таа сфера, каков е нејзиниот бонитет, углед и референци.
Сите овие проблеми не се решаваат со ад хок бајпасирање заради кислородна поддршка на здравствениот организам. Ако се продолжи само со „преврски“, ткивото ќе продолжи да изумира. Потребен е сериозен рез. Скалпелот да пробие – до коска!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот