Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Синдикалците апелираат: Пријавете ги газдите кои не даваат регрес за годишен одмор или исплаќаат под минималниот износ!

Лани регрес за годишен одмор добиле околу 460 илјади работници информираат од УЈП. За да примамат нови, но и да ги задржат постојните вработени, дел од фирмите веќе се пофалија дека годинава ќе исплаќаат К-15 над 40.000 денари!

Околу 460 илјади македонски работници лани примиле регрес за годишен одмор, покажуваат податоците кои „Слободен печат“ ги доби од Управата за јавни приходи.

-Според податоците од системот е-персонален данок (Е-ППД) 43.401 обврзници исплатиле регрес кон 459.568 лица, а тоа се податоци кои потпаѓаат под ставката „Друг доход од работа-регрес“ – прецизираат од УЈП.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во земјава има околу 70.000 активни претпријатија, што значи дека повеќе од половината од нив го испочитувале правото на К-15 за 2023 година. Од Управата за јавни приходи, исто така детализираат дека 324.607 вработени, пред една година добиле износ поголем или еднаков на 13.970 денари (колку што изнесуваше ланскиот регрес. За жал имало и такви газди кои ги почестиле своите работници со износ помал од 13.970 денари и така биле исплатени 134.961 вработени.

-Во овој дел спаѓаат и вработените во јавниот сектор каде обврската за исплата на минимален износ на регрес е 10.000 денари и со ваков износ се исплатени 85.507 работници. Околу 30 илјади работници (28.261) добиле суми помали и од 10.000 денари на име регрес – ни одговорија од УЈП.

Од први јули почна да тече рокот за исплата на регресот за годишен одмор, а таа обврска работодавачите ќе треба да ја завршат до крајот на годината. Најмалиот износ што треба да легне на сметките е околу 16.000 денари, колку што изнесуваат задолжителните 40 отсто од последна просечна тримесечна нето плата во Македонија – 39.771 статистички просек за периодот јануари-март годинава. Доколку фирмите го исплатуваат подоцна од 1 јули, износот ќе биде и поголем, бидејќи тој се утврдува според основицата што важи на денот на донесувањето на Одлуката за исплата. Единствениот услов работникот да добие регрес е да биде најмалку 6 месеци вработен во фирмата и, секако, да биде уредно пријавен на определено или на неопределено работно време. За да примамат нови, но и да ги задржат постојните вработени, дел од фирмите веќе се пофалија дека ќе исплаќаат К-15 до 40.000 денари!

Лани највисоки суми за К-15 беа исплатени во трговијата на големо со фармацевтски производи, сметководствени, книговодствени и ревизорски работи, даночно советување и други дејности. Но, според ССМ, добар дел од компаниите и натаму ги кршат правата на своите вработени. За тоа сведочат и податоците дека во текот на 2023 година во Сојузот на Синдикатите на Македонија се евидентирани 10.534 обраќања по разни основи за заштита на правата од работен однос. Најголемиот број на обраќања биле поради неисплатените плати, надоместоци, додатоци и придонеси од плата, а конкретно за неисплатен регрес ССМ евидентирал вкупно 3.822 обраќања од работниците. Синдикалците забележале и дека имало работодавачи кои исплатиле понизок износ од законски минималниот К-15.

Синдикалците апелираат да се пријави секој газда кој нема да ги почитува правата на работниците, а особено оној кој не исплаќа навремено плата и регрес за годишен одмор. Пријавата може да биде анонимна, а неа да ја потпише претседателот на ССМ.
Со право на регрес за годишен одмор лани за прв пат се стекнаа вработените во здравството, образованието, полицијата, армијата и сл., со што ССМ исправи една голема неправда спрема нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот