Гордана Сиљановска-Давкова / Фото: „Слободен печат“

Сиљановска-Давкова: Светот е спремен за жена генерален секретар на ОН

Со пораки за глобален одговор на глобалните предизвици и глобалната несигурност што му се заканува на мирот и напредокот започна дводневниот Астана меѓународен форум (АМФ) во престолнината на Казахстан. Собирот го отвори претседателот на Казахстан, Касим Жомарт Токаев, а како специјални гости присуствуваат македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Руанда, Пол Кагаме.

Токаев повика за обновување на глобалната соработка, неширење на нуклеарното оружје и институционални реформи.

Касим-Јомарт Токаев / Фото: Прес-служба на Претседателот на Казахстан

– Се среќаваме во време на длабока глобална несигурност. Овој момент може да се опише како крстосница, како пресвртна точка во светските работи. Но утврдувањето на таквите формули ќе им го оставиме на историчарите, а она што е важно сега е како ние да одговориме на предизвиците – изјави Токаев.

Според него, конфликтите и војните и натаму се шират низ континентите и заедниците и минатата година 52 држави се соочиле со вооружен конфликт. А економскиот импакт на насилството достигнал неверојатни 19 трилиони долари, односно 13,5 отсто од глобалниот БДП. Наместо да водиме војни, вели тој, треба да се погрижиме нашите народи, особено помладата генерација да бидат повеќе ангажирани во постигнувањето напредок и создавањето просветлени општества.

– Додека конвенционалните конфликти бараат итно внимание, мора да се фокусираме и на уште попредизвикувачка перспектива: растечката напнатост меѓу државите со нуклеарно оружје. Денес, девет држави поседуваат комбиниран арсенал од над 13.000 нуклеарни оружја. Експертите предупредуваат дека ризикот од употреба се зголемува – без разлика дали е погрешна пресметка, случајност или ескалација. Последиците од една единствена детонација би станале катастрофални. Научниците проценуваат дека покрај непосредното уништување, тоа би можело да предизвика и глобална климатска катастрофа – рече Токаев.

Тој пред присутните ги елаборираше приоритети на Казахстан, почнувајќи од напредокот во дигиталната трансформација, акцентот врз вештачката интелигенција, лансирањето на најмоќниот суперкомпјутер и плановите да се воспостави пилот зона наречена Крипто сити каде што криптовалутите ќе се користат за купување производи, услуги и слично. Како приоритет во нивната национална стратегија ја наведе нуклеарната енергија, со оглед дека во Казахстан се наоѓаат 40 проценти од светскиот ураниум.

Тој уште потсети дека годинава ќе се одбележат 80 години на Обединетите нации и упати забелешка дека критичните одлуки што влијаат врз милијарди луѓе не треба да се носат само од неколку земји. Затоа, Казахстан поддржува проширување на Советот за безбедност на ОН, вклучувајќи и пошироко регионално претставување.

Слично како Токаев и Сиљановска Давкова во обраќањето говореше за институционалните реформи, пред сè на Обединетите нации. Нејзината забелешка дека светот е спремен за жена генерален секретар на ОН, измами насмевки и аплауз кај присутните.

– Во свет во кој доминираат силни мажи со оружје, потребни се мудри жени – порача Сиљановска Давкова, а како потврда на ова ја наведе песната од Џејмс Браун „This is the men’s world“.

Сепак, демантираше дека говори за феминизација, туку како што кажа, како професорка на привремена работа во политиката, говори за политичката уметност на можното. Притоа појасни дека она што го кажала не значи жените да ги заменат мажите, туку зборувала за хуманизација.

Според неа, за да не станеме геополитичка периферија, регионот треба да се фокусира на главните проблеми од типот на одливот на мозоци и климатските промени.

На првиот ден од Форумот се обрати и претседателот на Руанда, Кагаме, и поранешниот генерален секретар на ОН, Бан-Ки Мун.

Инаку, на Форумот што е одлично организиран во објект што бил изграден за ЕКСПО 2017 учествуваат повеќе од 600 високи претставници, експерти и бизнисмени, како и над 110 акредитирани странски новинари, покрај домашните. Сепак, многумина од првично најавените високи гости го откажаа учеството, а меѓу нив и премиерите на Хрватска и на Албанија, Андреј Пленковиќ и Еди Рама.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот