Каја Шукова / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Шукова: Младите се срцето на дигиталното Скопје што го градиме

„Младите се срцето на дигиталното Скопје што го градиме. Затоа, токму ним им ја отвораме вратата кон нови можности,“ рече Каја Шукова претставувајќи го планот за концепт за дигитално Скопје, се вели во соопштението од СДСМ.

Таа потенцира дека визијата е Скопје да стане паметен, поврзан и достапен град за сите граѓани.

„Време е Скопје да го направиме град кој се развива со темпото на современиот свет,“ додаде Шукова.

Во рамки на иницијативата, предвидено е воведување на унифицирана дигитална платформа што ќе ги поврзе сите градски претпријатија, образовни и културни институции. „Со еден клик, лесно за граѓаните ќе бидат достапни сите градски услуги,“ истакна таа.

Проектот предвидува и портал со отворени податоци и апликација за систем на јавно мислење (Citizens engagement system), како и бесплатен интернет во автобусите, автобуските станици, на плоштадот и во Градскиот парк.

„Со сензори и апликации имаме решение за паметно паркирање, мерење на квалитет на воздух и бучава, следење и управување со отпад, паметно мерење на проток на вода, мониторинг на инфраструктура, загадување и безбедност во реално време,“ појасни Шукова, нагласувајќи дека тоа ќе придонесе за помалку метеж, помалку загадување, поголема енергетска ефикасност и модерни дигитални услуги достапни за сите.

Посебен фокус е ставен на младите, кои ќе имаат можност да креираат сопствени апликации и АИ-алатки преку новата платформа. „Со тоа ги вклучуваме младите во градењето на дигиталното Скопје,“ рече Шукова, додавајќи: „Ова не е технологија заради технологија, ова е визија за поквалитетен живот, транспарентно управување и иновативен град што расте со своите граѓани.“

„Скопје ќе биде подготвено за иднината – дигитално, паметно и хумано,“ заклучи Шукова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот