Фото: МИА

Штрковите во Прилепско се подготвуваат да одлетаат на југ

Кривогаштанци сфатиле дека треба да ги почитуваат навиките на штрковите, запишани во гените.

Во прилепско Кривогаштани, според неофицијалната процена на жителите, има 50-тина штркови. Според традицијата, штрковите заминуваат во потоплите краишта на празникот „Свети Пантелејмон”, на 9 август, секоја година.

За штрковите се мисли дека се верни на семејството, живеат во двојки и доколку почине еден, остануваат сами.

Во прилепско Кривогаштани навикнати се на гнездата на штрковите крај куќите, на високите бандери, столбови, на покривите. И штрковите и луѓето живеат заедно од пролет до август.

– Штрковите се подготвуваат да заминат. Тоа е така откако паметиме. Деновиве сите ќе се иселат за да дојдат на пролет. Еве, можеби се чекаат да се соберат, а и можеби чекаат да добијат пасоши. Времињава се нови, нестабилни, малку на шега коментираат кривогаштанци.

Паметат дека од пред неколку години локалните власти сакаат да им создадат посебна населба со гнезда, ама штрковите „си тераат по свое”. Имаат свои домови кои сами ги создале и не сакаат да ги напуштат. Кривогаштанци сфатиле дека треба да ги почитуваат навиките на штрковите, запишани во гените.

И во прилепско Мало Коњари, од каде е Силјан штркот и легендата за него според Марко Цепенков, штрковите се подготвуваат за преселба. Жителите од Прилепско се надеваат дека климатските промени не им влијаеле на навиките на штрковите, кои се и симбол на новите рожби во семејствата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот