Кристијан Штокер/Фото: EPA-EFE/MAX SLOVENCIK

Штокер тврди: Депортациите ќе продолжат

Австрија сака да стане предводник во Европа со депортации кон Сирија и Авганистан, иако таквата политика се судира со Женевската конвенција и предизвикува силни критики. Паралелно, владата се соочува со внатрешни предизвици, незадоволство околу платите, пензиите и буџетските политики, што ја става под дополнителен притисок.

Bо интервју за националното радио, австрискиот канцелар Кристијан Штокер од Народната партија со извесна доза на гордост потсети дека токму Австрија е првата европска држава што реализирала депортации кон Сирија. Тој нагласи дека тоа e само почеток и дека владата има намера да продолжи со враќање на луѓе и во Сирија и во Авганистан. Плановите не се нови, но јавноста беше изненадена од информацијата дека минатата недела претставници на австриското Министерство за внатрешни работи се сретнале со делегација од талибанскиот режим. Разговорот имал за цел да отвори можност за протерување на деветнаесетмина авганистански државјани, од кои повеќето се регистрирани како сторители на кривични дела. Опозицијата, како и коалицискиот партнер Социјалдемократската партија, веднаш реагираа со критики и предупредија дека Австрија со тоа влегува во многу ризична зона на соработка со режими кои не ги почитуваат човековите и женските права.

Депортации и правни пречки

Штокер во интервјуто изјави дека не станува збор за признавање или поддршка на режимите, туку за чисто технички разговори кои имаат за цел да овозможат депортација на лица кои во Австрија се огрешиле од законот. Според него, во просек секој ден околу триесет и пет лица ја напуштаат земјата, дел доброволно, дел присилно без оглед на тоа дали доаѓаат од Авганистан, Сирија или ЕУ. Половина од нив се кривично гонети, а најголемиот дел во 2024 година биле државјани на земји членки на Европската Унија, како Словачка, Унгарија, Романија и Полска. Една четвртина биле од трети држави, меѓу нив најмногу од Србија. Невладините здруженија предупредуваат дека со депортации кон Сирија и Авганистан би се прекршило основното правило на Женевската конвенција, кое забранува враќање на бегалци во средини каде што нивниот живот или достоинство се загрозени. Токму поради ова дел од правниците сметаат дека плановите на австриската влада претставуваат опасен преседан и би можеле да отворат пат и за други држави во ЕУ да се повикуваат на истото оправдување. Канцеларот останува тврд во ставот и тврди дека со првите депортации кон Сирија е поставен пример што ќе се следи и понатаму.

Внатрешни предизвици и буџетски прашања

Освен за миграциската политика, Штокер беше прашан и за актуелните социјални и економски теми. Владата најави намера повторно да се отвори прашањето за платите во јавниот сектор, но засега не е сигурно дали синдикатите ќе влезат во преговори. Владата порача дека ако нема договор со синдикатите, платите на вработените во администрацијата, судството, образованието и другите јавни служби во 2027 и 2028 година ќе останат замрзнати на истото ниво, без никаква корекција ниту според инфлација, ниту според економски раст. Овој став веќе предизвика незадоволство кај синдикалните организации, а судиите и обвинителите отворено го нарекоа неприфатлив. За пензиите владата постигна компромис со тоа што целосно ќе се усогласуваат само пензии до 2500 евра, што пак предизвика негодување кај дел од организациитe за заштита на интересите на пензионерите блиски до самата владејачка партија. Во однос на новата социјална помош Штокер најави унифициран модел кој ќе се темели на примерите од Горна и Долна Австрија, што значи дека ќе има ориентација кон пониските износи. Што се однесува до буџетот, канцеларот уверува дека државните финансии се движат според планот. Предлогот на општините за зголемување на данокот на недвижности, што би донело околу четиристотини милиони евра, тој го одби со образложение дека тоа нема да биде доволно за стабилизирање на локалните финансии. Дополнително останува да се постигне нов договор за стабилносниот пакт, а засега владата не гледа причина да се укине даночната поволност за дизел горивото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот