
Што се заборава во такси-возилата: Паричници и телефони, но и шалови, ракавици и чадори
Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на такси-возила на Град Скопје, во разговор за „Слободен печат“, меѓу другото советува да барате фискална сметка, бидејќи со тоа ќе знаете кој и кога ве возел, а воедно ќе бидете сигурни дека тоа е регуларно такси
Колку пати случајно сте заборавиле нешто, торба или можеби нешто поскапо во такси? Карактерот на загубените предмети во такси-сообраќајот е сезонски – зиме се губат капи, шалови, ракавици, чадори, но нема сезона за паричниците и за мобилните телефони, тоа постојано се случува. Што се однесува до местоположбата на заборавениот предмет, таа е или задното седиште или просторот меѓу седиштето и задната врата.
Препорачано
Во однос на тоа дали ќе си го најдете изгубениот предмет, зависи од вашата брза реакција, но и од реакцијата на возачот. Оти дневно низ едно такси поминуваат меѓу 20 и 30 луѓе… Претежно возачите, доколку забележат вишок на нешто во возилото, ќе се потрудат да контактираат со вас, под услов да сте нарачале такси преку телефон, бидејќи се должни веднаш да пријават во диспечерскиот центар.
Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје, во разговор за „Слободен печат“, меѓу другото советува да барате фискална сметка, бидејќи со тоа ќе знаете кој и кога ве возел, а воедно ќе бидете сигурни дека тоа е регуларно такси.
– Брзи и стресни времиња. Нормално е дека некогаш ќе заборавите нешто случајно, или пак ќе ви испадне некој предмет без да почувствувате. Некому не му е важен шалот или ракавиците или чадорот, ама за паричникот и за мобилниот се крева и врева и паника. Има и такви случаи кога патникот е убеден дека оставил нешто кај нас, а тоа се случило на сосема друго место. Откако ќе го пронајдат предметот, а не бил кај нас, некои знаат да се извинат, а некои и не. Ова е исто, како и со благодарноста за пронајдениот паричник или телефонот. Некои патници се навистина благодарни, оти сме ги поштедиле од многу непријатности, па ќе почестат, а други ќе заминат само со едно благодарам. Колку луѓе, толку табиети. Но секогаш имајте на ум да побарате фискална сметка за да знаете кој ве возел и внимавајте да се возите во регуларно такси – додава Рајчановски.
Како дополнување, Рајчановски предупредува дека моменталната состојба во автотакси-превозот во градот Скопје е катастрофална, кој сака става табла и вози такси со каква било боја на такси-возило, без таксиметар, нелиценцирано возило, непријавен такси-возач.
– Вакво безредие во автотакси-превозот никогаш немало и затоа граѓаните треба дополнително да внимаваат – поентира Рајчановски.
Инаку, луѓето забораваат на сè, а еден таксист од Хрватска, кој редовно споделува интересни содржини од својата работа, открил две работи што клиентите набрзина ги заборавиле, што го оставило малку изненаден.
„Мислев дека салатата од зелка е врв на сè што една жена може да изгуби во такси кога оди на шопинг, но госпоѓата на која ѝ падна косата е апсолутен победник“, напишал овој таксист, пренесуваат хрватските медиуми.
И таксистите од Нови Сад споделуваат информации дека се случува на луѓето да им паднат телефони или паричници од џебовите, а луѓето едноставно да заборават на гардеробата и на багажот во багажникот.
– Сите работи одат во радиоцентарот и може да се подигнат. Граѓаните на Нови Сад не чекаат долго за да земат заборавен телефон или паричник, додека не се толку ажурни за некои делови од гардеробата или за чадорите.
Во годишната листа на заборавени предмети на убер има 4.500 предмети, Јапонците најзаборавни!
На годишната листа на убер за работи што патниците најчесто ги забораваат, имало повеќе од 4.500 предмети што останале во возилата низ светот. Заедно со мобилни телефони, клучеви, очила, паричници и чанти, возачите на убер лани пронашле електричен скутер, машина за шиење, телевизор, перика, котел, тостер и кукла за возрасни.
Патниците оставиле заби и протези за нозе, а еден клиент од Америка го заборавил сопственото дете во таксито. Според податоците на убер, патниците најчесто забораваат работи во сабота и недела, а во работните денови помеѓу 16 и 18 часот. Сите празници се вклучени во категоријата ризични денови, бидејќи тогаш луѓето сакаат да „ѕирнат“ во чашата и најчесто користат такси-услуги.
Во заборавање разни предмети во такси-возилата предничат Јапонците, така што Токио се најде на врвот на скалата на заборавени предмети во 2022 година, а меѓу првите 10 се и Јоханесбург, Перт и Кејптаун. Во рамките на Европа, Виена е „најзаборавен“ град, Милано е на второ место, Минхен е трети, а Загреб е на 12. место.
Корисниците на убер во САД, најчесто забораваат предмети од брендот „епл“, а го следат „самсунг“, „најк“, „гучи“ и „луј витон“. Што се однесува до автомобилските клучеви, лани биле изгубени повеќе од 200 автомобилски клучеви од „БМВ“, „хонда“ и „тојота“. Освен разни предмети, возејќи се со возилата на убер, Американците заборавале и пари, а сумите се движеле од само неколку парички до повеќе од 6.000 долари.
Пред својот концерт во Сараево, Џибони изгубил 4.000 евра!
Компанијата „Црвено такси“ од Сараево открила како успеале да му вратат на познатиот хрватски пејач Џибони голема сума. Тие за босанските медиуми откриле дека во 2006 година, на пат од хотелот до салата Зетра, каде што требало да има концерт, пејачот ја заборавил торбичката во која имало 4.000 евра!
– Концертот не можел да почне сè додека нашиот возач не му ги однел парите. За ова се зборуваше и кај нас и во Хрватска, и тогаш бевме прогласени за најдобра фирма поради тој гест – информирале од „Црвено такси“.