
Штипјанка два месеци се обидува да докаже дека е жива за да може да земе пензија
Штипјанката Драгица Панова два месеци се обидува да докаже дека е жива пред Фондот за ПИОМ. Бизарната приказна на жената, започнува откако починал нејзиниот сопруг на почетокот на оваа година, пренесува ТВ Стар.
Препорачано
„Мојот сопруг почина на 4 јануари, и јас сум заведена како почината на 4 јануари, а по кој основ сум заведена како мртва не знам. Од јануари наваму јас немам добиено пензија. Никој не сака да ми објасни што е проблемот“, изјави Драгица за ТВ Стар.
Од тогаш Драгица оди од врата до врата обидувајќи се да докаже дека е жива и да обезбеди редовен прием на пензијата, но до денеска сите обиди и се неуспешни.
„Во месец март ги исправив документите, и рекоа дека ќе биде. Но отидов да земам пензија и ми рекоа дека нема, истото го рекоа и во април“, вели таа.
Драгица во меѓувреме се снаоѓа на различни начини и чека администрацијата да го среди проблемот.
„Позајмував пари и сега како да ги вратам? Кажете ми што да правам јас без пензија? Ова што се случува е срамота, од жив да те направат умрен и да те остават без денар. Пополнив потврда за живот, рекоа ќе се среди. Кога ќе се среди?“, прашува Драгица.
Од Фондот за случајот со Панова велат дека таа се нема обратено кај референтот за права од прв степен за да достави лична карта, со што нејзиниот проблем ќе биде решен.
„На 24 март испративме известување до Одделението за исплата на пензии во Скопје, од каде повратно побараа документ за лична идентификација и оформен документ за живот, но лицето Драгица Панова до сега не се има обратено кај референтот за права од прв степен да достави лична карта. Доколку се јави, ние ќе го оформиме предметот и ќе го доставиме до Скопје со што нејзиниот проблем се решава“, велат од Фондот.