
Шефот на МИ6: Руската армија ќе се истроши во наредниве недели
Ричард Мур, шефот на Тајната разузнавачка служба на Велика Британија позната како МИ6 изјави дека руската армија во наредниве недели на момент ќе ја запре агресијата во Украина, давајќи им шанса на Украинците да го возвратат нападот, пренесува Ројтерс.
Препорачано
Според Мур, околу 15 илјади руски војници засега се убиени во Украина.
„Мислам дека тие едноставно ќе се истрошат“ изјави Мур, кој додаде дека руската армија во наредниве недели ќе го почувствува недостатокот на оружје.
Речиси пет месеци откако Русија ја нападна Украина, Киев се надева дека западното оружје, особено ракетите со поголем дострел, како што е американскиот ХИМАРС, што Киев ги распореди во последниве недели, ќе и овозможи да започне контранапад во наредните недели и да ја врати територијата окупирана од Русија.
Мур смета Украина мора да покаже дека може да ја добие војната – и за да се зачува високиот морал кај Украинците, но и за да се зацврсти решителноста на Западот додека се зголемува загриженоста за недостиг на енергија во текот на претстојната зима.
„Мислам дека на самите Украинци им е важно да ја покажат својата способност да возвратат. И мислам дека тоа ќе биде многу важно за нивниот морал“, рече Мур.
За шпекулациите околу здравјето на Путин, Мур вели дека засега нема никакви докази дека рускиот претседател има сериозна болест.